Фолк пејачката Тања Јовановска сними спот за нејзината балада насловена “Дишам за нас”, песната која ја изведе на последниот „Фолк фест Роса 2017“. Спотот е сниман на неколку локации во Куманово, во соработка со ИН продукција.
Пејачката истакна дека снимањето помина одлично, спотот е нешто сосема поинакво од она што досега го работела.
„Како самата песна, така и видео записот е нешто поразлично од тоа што досега сум го работела. Се работи за преубава балада. Конечно можам да кажам дека после толку години на естрадата и изведба на новокомпонирана македонска музика, се пронајдов себеси, односно го пронајдов стилот што го сакам“ – ќе изјави Јовановска за ТВ магазинот на ИН продукција.
Музиката и аранжманот се авторско дело на Мите Стоилков, а текстот го напиша Љупчо Василев. Спотот се снимаше во Центарот за култура во Куманово и во ресторанот Палас Гарден. Во видеото покрај Тања се појавува и младата балерина Ива Илиевска.
„Во спотот се појавува и Ива Илиевска, девојче кое игра во “2 I Dance Sisters Studio” и е една од нашите најдобри балерини во Македонија, пред која претстои многу светла иднина“ – додава Тања, а ние ви нудиме да го погледнете видеото за „Дишам за нас“ како новогодишен подарок од македонската фолк ѕвезда за сите Вас.