Македонците “растураат“ во „Ѕвездите на Гранд“. Дефинитивно… Од Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Елена Миленковска, преку Адам Лабунски, Стефан Величковски, Ангел Јовевски до Гоце „Чоки“ Бошковски… и останатите наши престваници од круг во круг се се’ подобри и посигурнии покажуваат дека Македонија има естрада, нема нешто друго: добар маркетинг, подготвен менаџмент, отворени медиуми, забавно-музички емисии, подготвеност и слух да се инвестира во естрадата, нема генерална стратегија на државата за естрада… и уште еден куп нешта кои го сочинуваат мозаикот на успехот!
Затоа пак за среќа, ги имаме покрај веќе проверените ѕвезди и нашите „нови деца“ кои покажуваат дека сме извор на музички таленти… Музички бисери кои нема кој да ги открие, обработи, наниже и продаде како скапоцен музички ѓердан. Како што тоа го прават токму соседите кај кои одиме да се докажуваме!
Прилепчанецот Гоце „Чоки“ Бошковски е еден од тие бисери. Не пее од вчера, има музичка традиција во семејството (татко му Илија е познат пејач), учествувал на избор за музички таленти, има неколку свои песни, настапува по локалите, кафулињата и клубовите со свој бенд, живеел во САД каде што можел нешто да види, научи и „купи“ од шоубизнисот, па дури има и свое локално радио – „Чоки 5“ во Прилеп.
Но, ќе останеше само локално познат и полуанонимен, да не се решеше да се појави во „Ѕвездите на Гранд“. Дури откако Гоце – „Чоки“ брилјираше со своите настапи, ние се освестивме дека имаме уште едно „златно дете“ со „златен потенцијал“. А „Чоки“ направи се’, даде се од себе за да трпеливо гази од круг во круг, од емисија во емисија, од појавување во појавување, од настап во настап… Беше се’ подобар во изведбата, изборот на песните, интерпретацијата… ама и се послаб… во физикусот и килажата!
Имено, откако „Чоки“ сфати дека „ѓаволот ја однел шегата“ прво што реши да направи е да се подготви физички… Па влезе во теретаната и од неа, се’ уште не излегува. Резултатот – евидентен. Секој круг во „Ѕвездите на Гранд“ е се послаб, повит, поманекенски тип… како што и прилега на една идна музичка ѕвезда! И самиот ја евидентираше разликата, па ја постираше на фотографија. Едноставно ја стопи килажата, ама ја лансираше популарноста. Или што би рекле: кариерата во пораст, дебелината во опаѓање!
И така полека но сигурно, Гоце „Чоки“ Бошковски дотурка и до петтиот круг на „Ѕвездите на Гранд“ и ќе се бори за полуфинале, па успехот го сподели на својот Фејсбук профил.
А дека не е само пејач, туку и голем македонски патриот, „Чоки“ покажа уште во тртиот круг од ова регионално натпреварување на музички таленти.
Имено, тогаш заедно со неговиот ментор Ѓорѓе Давид една од песните одбраа да биде легендарната „Македонија“ на Дадо Топиќ, која „Чоки“ не само што ја отпеа фантастично, туку во својот сценски перформанс вметна елементи во својата костимографија, кои покажаа дека е и голем патриот кој си ја сака својата земја.
Можеби ТВ камерите тоа и не го забележаа најдобро заради играта на светлата од „лајт-шоуто“, но Гоце на крајот од настапот ја покажа картата на Македонија со втиснато македонско знаме во неа, сошиени како апликации од обете внатрешни страни на палтото!