Пламенка Трајковска – гудачки квартет ќе оддржат концерт со наслов ,,Музика и цртан филм” на 12 април (петок) во НУ Центар за култура ,,Кочо Рацин” Кичево.
Во цртаните филмови многу често се употребува класичната музика и овој концерт е конципиран како проекција на цртани филмови и изведба на класична музика со гудачки квартет во живо. На концертот се користат современа музичка технологија мултимедијални и анимациски елементи со цел децата да ја почувствуваат класичната музика како блиска и како своја.
Изминатите години Пламенка Трајковска со своите колешки интензивно работи на доближувањето на класичната музика до најмладата публика. Досега реализираа голем број на концерти во училиштата во Скопје и во повеќе домови на културата низ републиката. Минатата година реализираа концерти со наслов ,,Што е тоа гудачки квартет” во камерната сала на Македонската филхармонија.
Во гудачкиот квартет покрај Пламенка Трајковска ќе настапат и Наташа Диденко на виолина, Илза Балата на виола и Маја Михајловска на виолончело.
Концертот е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес во културата за 2019 година и од НУЦК Кочо Рацин од Кичево.