Ништо лично ништо лично

Копук култура

Копук култура

Реномирани културни  и музички манифестации, концерти, театри, тетарски и музички фестивали, продукции и издавачки куќи…  кои се од особено значење за културата во Република Македонија,  останаа „бледи во oчите“ од десет пати намалените суми, или  пак  „со прстот в уста“ зашто воопшто ги нема на списокот, кога е распределбата на годишните средства од програмата  за поддршка на културата во државава.  Се случи невидена распродажба на културниот идентитет кој во 2019 ќе заврши на бувљак.

Министерството за култура и неговите комисии, поточно оние кои седат во нив, или абер немаат од култура или се толку многу партизирани полтрони, што кутрите се само фигури, односно играчки во туѓите раце.

Се разбира некои од нив се избрани да бидат доброволни жртви, други  се „колатерална штета“, но сите заедно, со или без нивно знаење, се согласувале или не со листата на субвенционираните,  сепак ја одиграле својата улога… за една употреба!

Во 2019 Република Македонија, ќе биде ем Северна, ем сведена на културна касаба со копук култура!

Па наместо да го зголемиме бројот на концерти на големите светки поп, рок или џез ѕвезди, на музички, балетски, театарски… фестивали и манифестации, на квалитетни изданија… нашите пари завршија во џебовите на  анонимци!

Сега наместо првокласен концерт, ќе слушате второразредни дунстери, наместо врвна театарска претстава ќе гледате боси аматери, наместо изворен македонски фолклор, ќе ги слушате звуците од соседството на нечии матични држави, наместо книги, енциклопедии, квалитетна литература, ќе читате „самопрогласени бестселери“ од Џепчиште или Муртино, сеедно…  Наместо барем еден светски врвен културен или субкултурен настан во 2019-та во секој  нејзин квартал,  добивме по еден (п)артал!

Не дека „Авалон“ или Оливер Белопета (Скопски џез фестивал, Оф фест…) на пример,  цел живот треба да бидат закачени на државна цицка, напротив… Ама најдете и кажете има ли подобри, поуспешни, поквалитетни, покадарни…? Ако ги има, бујрум  да им дадеме шанса. И ним и на сите оние што светот ќе го доближат до нас, а нас ќе не ланисараат во светот  кога е културата во прашање.

Во ред, можеби и ги има, ама и нив некој треба да е кадарен, стручен, елоквентен… или што би рекле модерно, „експерт“  да ги препознае и посочи, предложи и помогне.  Чуму комисии, ако во нив седат „аматери“ или „партиски профитери“?   Или експертите се само параван, а улогите ионака претходно поделени… се рабира, заедно со парите. Нашите пари, парите на даночните обврзници, со кои некој си ги израмнува политичките сметки, користејќи тролови во играта на тронови?

Се ближат претседателските избори, а кохезијата на политичката врска помеѓу коалиционите партнери во власта очигледно е разнишана. Довербата исто така, па за  да не се случи гласовите на ортаците од власта да отидат фира, или не дај Боже, на погрешна страна, не е лошо малку повеќе да се задоволи политичкиот партнер. Најлесно е да ја жртвуваш културата… и најбезболно! Така мислат оние од власта. Парите и онака мора да одат некаде.

За жал и оние од градската власт, кога е поделбата на колачот од наши пари наменет за финансирање проекти од културата, не се поарни. Напротив, кај нив е бетер!

Градоначалникот на Скопје  Петре Шилегов не пропушти да ги награди и да подели пари на  своите најблиски соработници и пријатели од светот на културата.

Ни срам ни перде, најбезоразно и најбезобзирно им ги тутна в џеб  на своите први соработници, како на неговиот шеф на кабинетот Никола Наумоски, истовремено и братучед на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, кој  доби  субвенции за неговото Здружение за активизам, теорија и уметност „Плоштад Слобода“!

Музичко-политичкиот  „шарен мегафон на власта“ Мирко Попов и неговото „ПМГ рекордс“ исто така лапнаа од колачот, па дури ниту  бившиот министер за култура со најкус рок на траење  Роберт Алаѓозовски, сега национален  координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата на СДСМ, не беше заобиколен во делењето на  наши пари од Град Скопје. И никому ништо!

И немојте после да ве чуди кога Стинг, Лени Кравиц или Ерос Рамацоти наместо во Скопје ќе морате да одите по Белград, Загреб, Софија, Тирана… за да ги слушате и гледате?!  Светските џез великани најблизу до Скопје ќе музицираат во Љубљана, а поколенијата наместо да ја читаат историјата на македонската музика преточена во енциклопедиски изданија, ќе мора да им ја раскажуваат постарите со усмени преданија од колено на колено, небаре сме пусто турско!

Наместо квалитетни, професионални или аматерски театарски или фолклорни смотри и фестивали ќе гледате сомнителни дилетантски селски приредби, наместо „Македонски радиски фестивал МАРС“  и валоризирање на македонската музичка сцена, ќе бидат валоризирани третокласни  „рока мандољина“  манифестации или фестивали што постојат сами за себе и два-тројца од  потесното семејство на организаторот или ивенти на кои уметноста е сведена на теорија и активизам…  Важно државни пари дрпнале… За нивната копук култура!

 

 

 

 

 

To top