За сите што ни се во срцата, а не се со нас… И сите песни да стивнат, сите рози да се скинат, љубовта не исчезнува! Се надевам дека ќе уживате во нашава топла приказна, прва од новиот албум што за Вас со огромна љубов го подготвуваме, вака нашата поп-ѕвезда Каролина Гочева пред Новата 2018 година ги почести своите обожаватели со песната насловена „Ѕвона“.
Имено, овој сингл е најава за новиот албум кој наскоро треба да биде ослободен за јавноста, а е изработен во препознатливиот музички сензибилитет на пејачката.
Како и за претходните два албуми „Македонско девојче1“ и „Македонско девојче 2“, Каролина повторно игра на „проверена карта“, односно и овој пат за новиот албум соработуваше со композиторот Никола Мицевски, а пак текстот за „Ѕвона“ го напиша Весна Малинова.
За музичкиот подарок да биде целосен, за песната е изработен и видео запис во кој Каролина е во главниот фокус, облечена во црно коктел фустанче кое ја истакна нејзината убавина и долгите нозе.
За визуелно да го доловите напишаното, погледнете и слушнете како спакуваниот музички подарок на Каролина Гочева звучи и изгледа во целост.