Концертот на групата „Љубојна“ со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на врвниот Џијан Емин, кој ќе се одржи на 1 февруари во салата на Македонската филхармонија, ќе биде интимно доживување и подарок за фановите, рече вокалистката на „Љубојна“ – Вера Милошевска – Јосифовска во неодамнешно гостување во програмата на националното радио „Канал 77“.
„Убаво ми е што овој концерт ќе биде, на некој начин, покрај бројноста на музичарите, сепак интимно доживување на оваа музика, која што е сосема нова. Вообичаено, музиката тргнува од концерт, а потоа се шири меѓу луѓето, и тоа некако ’Љубојна’ низ годините го предлага како еден постојан циклус, како почеток на нова идеја“, рече таа, додавајќи дека ќе биде различно од досегашните концепти.
Влезниците се веќе пуштени во претпродажба во „Југотон“, а на денот на концертот кој е со почеток од 20.00 часот ќе чинат 20% поскапо.