Далеку најгледаниот ТВ магазин „Бекстејџ“ се врати во телевизискиот етер, а со него и оние кои се лицето на емисијата – неговите водители. И додека Миа Костова е далеку поекспонирана во јавноста, особено на социјалните мрежи и порталите заради своите трансформации, потезите што ги влече во животот, провокативните фотосесии, интересните фотографии и постови на нејзините профили…, посилната половина од водителската двојка некако како да е во нејзина сенка. Но, само навидум!
Миро Кацаров, наречен „Миро Де Ниро“, беше некогашен новинар-репортер на „магазинот од зад сцената“, а сега штипјанецот со скопски престој е дел од водителскиот тандем на неговото возобновено издание.
Во меѓувреме, додека, „Бекстејџ“ мируваше, Миро не мируваше! Кацаров микрофонот го стави на „стенд бај“, па своите физички предиспозиции ги искористи да се промовира себе си како машки топ модел! Патот ќе го одведе дури до Дубаи, каде некое време ќе престојува и работи, за потоа да се врати назад, во родниот Штип.
А таму модата решава да ја замени со политиката, а модната писта со политичката говорница.
Имено Миро Кацаров како член на „Либерал-демократската партија на Македонија“, станува и еден од нејзините потпретседатели. На штипскиот општински огранок до душа, ама функција си е функција. Особено политичката кај нас – пари вреди… Како што се покажа сиве овие години од осамостојувањето!
Но, со идејата за возобновување на „Бекстејџ“ и негово враќање во македонскиот ТВ етер, Миро „Де Ниро“ Кацаров, не му одолеа на предизвикот – повторно да биде ТВ водител… Ама не се откажа и од политката… Што си е сигурно – си е сигурно!
Па така, денес Миро е како Бетмен. Дење едно – ноќе друго! Кацаров е две, а можеби наскоро и три во едно: дење локален политичар, ноќе национален ТВ водител, а наскоро… Наскоро можеби и владин министер!?
А тоа што жолтата му е омилена боја…? Нееее… не е само заради партиските бои.
„Сваки муто носи жуто, овој пат јас“ – напишал на една од фотографиите во жолто, водителот. Ама како тргнал да гради кариера, Миро „Де Ниро“ Кацаров, по се ‘ изгледа, воопшто не е „муто у жуто“!