Мегафон концерт

„Brit Floyd“ во Скопје: Врвна реплика на оригиналот!

„Brit Floyd“ во Скопје: Врвна реплика на оригиналот!

„Pink Floyd“ се веројатно една од трите најлегендарни групи во историјата на светскиот рок ен рол воопшто. За жал, кога беа во фокусот, во врвот на нивното постоење на овие простори немавме можност да ги видиме и слушнеме во живо. Албумите, плочите, музиката и воопшто концептот на основоположниците на светската рок психоделија, иако тие се и многу повеќе од тоа, за среќа ни стануваа достапни и блиски во вистински момент, за денес  да можеме да се пофалиме дека сме биле дел од создавањето на дел од најдоброто во историјата на светскиот рок ен рол.

Она што вчеравечер беше најавено и се случи во ВИП Арената Борис Трајковски во Скопје си го заслужи епитетот: „Врвна реплика на оригиналот“… и тоа за сите пари.

Имено, „Brit Floyd“ се концепт кој е еден вид вистинска концертна омаж реплика на оригиналната поставка на сето она што култниот бенд го работи од почетокот на својата кариера, па се’ до последните нивни изданија.

Таков беше и синоќешниот скопски концерт (14.11.2018) на проектот „Brit Floyd“ кој си ја одработија работата на врвно ниво. Околу 2500 – 3000 посетители во ВИП арената имаа можност за вистинско аудиовизуелно доживување со музичко патување низ времето во годините наназад кога беа создавани најавандгардните арт  теми на Floyd.

Damian Darlington, основачот на Brit Floyd и неговата многучлена екипа музичари на сцената звучеа верно на оригиналот, симнувајќе го не само секој тон, секое соло, секоја вокална делница од „А до Ш“, туку преку видеопроекциите и светлосно-ласерското шоу и сценските арт елементи успеале дури до срж да го соголат и сензибилитет на култната група, сугестивно пренесувајќи и го на публиката секој атом од нивната енергија и пораките кои нивната музика ги праќа. Едноставно „Brit Floyd“ се нивното второ јас, другото лице на „Pink Floyd“, иако се рабира тоа никогаш не може да биде тоа, но… се многу близу до оригиналот!

Анимациите, документарно-играните видеа, тетарските елементи на сцената, врвното музичко мајсторство и професионалниот чесен однос на бендот се само шлагот на тортата која сите што знаат што е музика, веќе со години ја конзумираат.

Внимателно избраниот репертоар од богатиот опус на Флојд и прошетката низ времето со потсетување на албумите и годините кога биле песните издадени на нив, па се’ до фантастичните гитраски соло или вокални делници на уметниците на сцената, надополнети со перфекнатната звучно-визуелна слика, создаваа атмосфера на блаженство низ која Brit Floyd не водеа повеќе од два часа, со куса пауза од 15-20 минути помеѓу двата дела на концертот.

Нешто што ретко се гледа и од многу поголемите, попознати и актуелни светски музички ѕвезди кога доаѓаат кај нас. За овие, регионалниве „шабани“ и да не зборуваме. Едноставно нешто, што тешко може да се опише со зборови, туку мора да се доживее! Се разбира, за оние што не застанале на Цеца и Лукас, па можат да го сфатат, разберат и имаат интелектуално – музички капацитет да го апсорбираат ваквиот тип на врвна уметност.

 

 

 

 

To top