Мегафон

„Киборг“ со самостоен концерт на „Таксират #20“!

„Киборг“ со самостоен концерт на „Таксират #20“!

Фестивалот „Таксират“, во рамките на програмата на јубилејното 20. издание, има чест да го најави и самостојниот концерт на „КИБОРГ“, култното име на македонската сајбер-панк музичка сцена кое во музичката архива се запишува и како првиот индустријал-бенд во Македонија! По 20 години пауза „Киборг“ се вратија на сцената минатата година со одличниот концерт на ПИН музичката конференција, кој воедно беше и еден од најпосетените од 30-те концерти кои се одржаа на ПИН. По ланскиот успех, „Киборг“ сега се повторно во атак со нивниот моќен аудио-визуелен концепт на извонреден сајбер-панк звук, овој пат со самостоен концерт на 6 декември во Младинскиот Културен Центар во Скопје!

Како бенд „Киборг“ започнува со работа кон крајот на минатиот век – летото ’95 во Скопје. Многу луѓе минуваат низ бендот, но поради раната фаза на трансплантација, се појавија проблеми со инфекции, отфрлање на делови и силни воспаленија. По многу жртви, конечната постава беше дефинирана. Направија неколку свирки, фестивали и се разбира, последнато шоу во ’96 со „Young Gods“, кое им обезбеди место во музичката историја. Во 1996 година издаваат лимитирана касета со 6 песни. По две децении, истите членови повторно се собраат за да продолжат со својот изворен сајбер-панк, да проповедаат малку и се забавуваат…

КИБОРГ се: Дарко Јаневски – вокал, Перо Стефановски – гитара, Горан Атанасов – тапани, Влад Каевски – клавијатури.

Билетите за концертот на „Киборг“ се веќе пуштени во претпродажбаонлајн и во сите продажни места на МкТикетс.

To top