Референдумот помина – енигмата остана: Ќе помине ли Преспанскиот договор и покрај тоа што не помина кај македонскиот народ? Прва опција е понудата на непристоен предлог? СДС веќе го најави. Наводно, со „одредени“ пратенеци од опозицијата во парламентот! Само што, како што е општо познато, домашниот есап и оној на пазар никогаш не се поклопуваат. Затоа и есапот од Бихаќка е едно, оној од Собранието – сосема друго.

Во меѓувреме премиерот се израдува и понадева дека ќе добие и една друга награда! Нобелова и тоа за мир! Така барем се лиферуваа вести во јавноста, небаре е во прашање Оскар. Арно ама денес стигна соочувањето со реалноста, кое исто како и она од 30-ти септември е – разочарувачко! Нобеловата награда за мир замина во други раце. Кај борците против военото силување: Наида Мурад и Др. Денис Муквеге!
Миротворецот од Муртино остана со празни раце. Ама, како што вонредните парламентарни избори по скратена постапка скроена по негов терк му се „план Б“ за протнување на „преспанскиот план“, исто така може да смисли алтернатива и за испуштениот „Нобел“!

Што да не? Па затоа сме тука да му помогнеме на премиерот со плурализам на идеи. Ако не Нобелова награда за мир, тогаш 100 % може да добие Нобелова награда за алхемија. И да не се доделува, ќе предложиме да ја воведат! Освен тоа, таму конкуренцијата е далеку помала или поточно никаква. Нема 331 кандидат како кај оваа за мир! Има само еден и единствен – ТОЈ – македонскиот премиер. Алхемичарот од Муртино – лично!

Делото за кое ќе треба да го наградат е познато, можеби тешко изводливо, ама според него не и неостварливо?! До душа со сесрдна помош и поддршка на комшиите од југот, меѓународната заедница и внатрешните пријатели.

Насловот на трудот: „Избришани без гумичка“
Превод на англиски: „Autodelete“
Место на подготовка: Скопје и Атина
Место на презентација: с.Нивици, Преспа – отаде јужната граница
Ментори: Ф.Могерини, Џ. Бејли, Ј. Хан, Ј. Столтенберг…
Олеснувач: М. Нимиц
Асистент: Никола Димитров
Рецензенти: А. Ципрас и Н. Коѕијас
Тема: Трансформација на нација
Содржина: Како масата да ја претопиш без да биде свесна за губењето на својата содржина, суштина и својства, и при тоа да добиеш нова, со сосема ново име, која ќе ја убедиш дека е истата онаа – старата. Секако, без бурна реакција одвнатре!

Годинава Нобеловата награда за мир на „алхемичарот од Муртино“ можеби му избега пред нос… Ама затоа несудениот нобеловец „вредно и посветено“ работи за да ја добие догодина… За алхемиската трансформација на македонската нација!