Под влијание на влажен воздушен бран од вчера доцна попладне и вчеравечер најпрвин во западните предели од државава паднаа врнежи од дожд кој во текот на ноќта кон денешниот ден (понеделник) полека ќе се проширија над целата територија на државата додека на повисоките места и на планините паѓа снег и се формира снежна покривка. Исто така во текот на ноќта кон денешниот понеделнички ден започна и да дува засилен ветер од северен правец со што од север ќе започне спуштање на многу студен воздух па така температурите значително ќе опаѓаат со што ќе започне и спуштање на снежната граница.
Од денес попладне и во текот на вечерта и ноќта кон вторник врнежи од снег ќе има и на пониските места (градовите) и тоа особено во северните, североисточните и во источите предели на државава и токму на овие места врнежите ќе бидат поинтензивни, па снежна покривка е можно да се формира и во пониските предели.
На планинските места снежната покривка некаде ќе достигне и над 30 цм., додека на пониските места на североистокот и истокот од државава од 10 до 15 цм, а на повисоките и до 20 цм.
Максималните дневни температури на воздухот денес (понеделник) ќе се движат во интервалот од 2 до 9 степени целзиусови, а од доцна попладне тие ќе почнат да опаѓаат.