По распродадените концерти, полните сали, овациите од публиката, но и од критиката на настапите од турнејата низ Австралија и Нов Зеланд во текот на минатиот месец, нашиот пијанист Симон Трпчески ја продолжува соработка со македонскиот композитор што живее и работи во Велика Британија, Панде Шахов.
По импресивниот прием на проектот „Македонисимо“ ширум светот, овој победнички тандем пред американската публика ќе ја претстави светската премиера на Концертот за пијано и оркестар број 2 на Панде Шахов.
Најновото дело инспирирано од македонскиот фолклор ќе биде изведено на отворањето на музичкиот фестивал за современа музика во Санта Круз, Калифорнија – „Кабриљо“. Со фестивалскиот оркестар ќе диригира романскиот маестро Кристијан М’челару, новиот шеф диригент на Симфонискиот оркестар на ВДР од Келн, Германија, но и музички директор на оваа манифестација со безмалку шестдецениска историја.
Трпчески утре ќе биде во Чикаго, каде со еден од водечките светски ансамбли каков што е Чикашкиот симфониски оркестар, ќе го изведе Петтиот концерт за пијано и оркестар од Бетовен. Диригент ќе биде Василиј Петренко. Тандемот Трпчески-Петренко „ќе се дружи“ и на сцената во Кливленд, пред кој настап нашиот пијанист ќе концертира и на музичкиот фестивал во монденското место Аспен.
Крајот од месецов е резервиран и за холандската премиера на „Македонисимо“ во престижната концертна сала „Концертгебау“ во Амстердам.