Стотици љубители на музиката на нашиот Дарио Панковски се снимија себеси како ја пеат неговата најнова песна „Што је моје то ќе доќи“, односно хрватската верзија на „Што е мое ќе си дојде“, а снимките испратени од сите краеви на светот се најдоа во официјалното видео за што подобро да ја доловат пораката на оваа химна на позитивноста и надежта, која се роди како плод од соработката со еден од најголемите мотивациски говорници во регионот, неверојатната Ана Бучевац.
„Ви благодарам на сите, од Америка преку цела Европа и нашиот Балкан, па сè до Австралија, бевте прекрасни!! Имаше стотици ваши снимки и искористивме најмногу што можевме, а тоа беше претешко, верувајте. Неверојатно и импозантно е колку позитивна енергија, љубов, среќа, живот и вортекс има во само еден видео спот. Уживајте“, напиша музичарот објавувајќи го новото видео.
Автор на музиката е самиот Дарио, стиховите му се заеднички со колегата Кристијан Габроски, кој го направи и аранжманот, а видео продукцијата ја изработи заедно со Андреа Панковска, додека за графиката беше задолжен Бруно Панковски. Како изгледа и звучи сето тоа спакувано заедно, дознајте во продолжение.