Поминаа седум години откако поп-пејачката Александра Михова за првпат се појави пред македонската јавност како млада и надежна девојка од Кавадарци која има желба и талент да биде дел од македонското естрадно небо. Иако тогаш не успеа да биде победник, Михова полека и ненаметливо продолжи да гради кариера со нови песни и настапи на домашните фестивали, а пред неколку години повторно се одлучи да се пријави во реално шоу за музички таленти кое за жал заврши неславно. Денес, за Александра фестивалите се уште се предизвик, како што вели пред се за забава и дружење, а освен тоа во интервју за Вистина.мк откри уште многу детали од својата приватност и кариера.
Пред пошироката македонска јавност се промовираше преку домашните музичките шоуа- сметаш ли дека се вистинското место за претставување на една млада музичка надеж, колку ти помогнаа и актуелизираа?
- Да. Секако. Прво „Македонскиот Идол“,па фестивалите, Макфест, Скопски, реалното шоу „На Иста Адреса“. Ми помогнаа, не само за промоција,туку и за многу познанства и другарства од музичката сцена и соработки. Учев како да се однесувам на сцена,учев како се пее во живо со оркестар, а сите тие искуства се непроценливи.
Која е вистината со неуспешниот проект „На иста адреса“, почувствува ли каење за учеството поради неславниот крај?
- Потпишавме договор и поради тоа не смеам да навлегувам во детали, но ќе кажам дека неубави игри се играат зад кулисите, на и таа мала сцена што ја имаме. „На иста адреса“,беше една тешка задача која сама на себе си ја поставив, но во исто време и најубавата работа која ми се случи во животот. Научив како сама да се борам во една тотално непозната средина на почетокот, од која излезе едно вистинско семејство, вистински другарства и луѓе кои ги засакав. Се каам многу ретко во оние моменти кога ќе се сетам дека 70 дена поминав затворена во 100 м2 и на крај некој убаво не изигра.
Во време кога фестивалите не се тоа што беа некогаш, зошто оваа форма на претставување е приоритет за тебе?
- Како што спомнав погоре, фестивалите се место каде еден млад пејач ќе научи многу корисни работи и ќе стекне пријателства за цел живот.
Како автор на твоите песни најчесто се потпишува Андријана Јаневска – нема ли доволно добри композитори за твојот музички вкус и стил освен Јеневска?
- Андријана е прекрасен човек пред се, па после се друго. Многу е важно да му веруваш на оној со кого работиш. Секако дека има добри композитори со кои сум остварувала соработка. Андријана ми е пример за храбра жена која е 100 на саат и сепак се справува со сите улоги во животот. Многу се гордеам на такви жени и затоа соработката со неа ме научи многу.
Покрај настапите во кафулиња каде твојот репертоар е забавен, од минатата година почна да настапуваш и на свадби – од каде оваа идеја и дали хонорарот беше пресуден за таквата одлука?
- Од секогаш ја сакав македонската народна музика и можеби и затоа реков, во ред, ќе пробам. Хонорарот секако, да не се лажеме дека не е важен дел, но не би рекла и пресуден.
Би преминала ли комплетно во народно?
- Не.
Покрај настапите, од неодамна започна со работа во осигурителна компанија во родното Кавадарци – како се снаоѓаш во оваа улога?
- Осигурувањето е мојата професија која одбрав да ја работам. Осигурување и дипломирав. Тешко е зашто се уште ја нема кај нас таа да речам “култура“за оваа дејност, но е многу интересна и верувам, сакам да верувам дека луѓето ќе почнат посериозно да ја сфаќаат зашто е неизбежен дел од секојдневието.
Твоето секојдневие не минува без социјалните мрежи, а таму во полето за љубовниот статус стои дека моментално си сама. Што се случи во врската со сограѓанинот Методија, тешко ли е да се најде вистинскиот партнер?
- Сингл сум и сум многу среќна. Не е ова само глумење, навистина е така. Учам за себе, многу читам, гледам филмови, уживам во храната, палам кола и патувам каде сакам. Периодот ми е таков,само за себе. Од таа врска имам убави спомени и искрено пријателство пред се. Не знам дали е тешко да се најде вистинскиот човек, но знам дека мораш прво на себе да си станеш вистински и да се запознаеш, па верувам дека после е многу полесно.
Од Александра Михова на Фејсбук го промени името во Alessandra Anna, зошто?
- Не знам, :). Веројатно од забава.
Откога се појави во јавноста, па се досега можевме да забележиме промена во однос на твојата физичка форма. Како се бориш со килограмите?
- Кога првпат настапив на „Македонски Идол“ имав 48 килограми. Бев нездраво слаба. Купував алишта од детски продавници. Таа снимка до ден денес кога ја гледам се ежам. Од тогаш до денес имам ставено 15 килограми. Тешко ми е понекогаш зашто обожавам да јадам и никогаш не сум држела диети, но кога еден период осетив дека претерувам, прекинав да јадам навечер и почнав малку посериозно во теретана.
Во шоуто „На иста адреса“ пред камерите ја отвори душата за својата приватност иницирана од прашањата на актерката Весна Петрушевска, проговори дека имаше проблеми со депресијата и паничните напади. Од денешна перспектива, сметаш ли дека тоа беше потребно и како се справи со реакциите на јавноста потоа?
- Тивки борци се луѓето кои се борат со паничните напади и анксиозноста. Сите молчат, се кријат во себе, не одат на психијатар од страв дека ќе бидат осудени од јавноста и тука настануваат уште поголеми проблеми. Долги години и јас молчев. Можете да замислете, да се борите со таква страшна состојба, а за тоа да знаат само тројца луѓе! Во оној момент кога јавно зборував за тоа доживеав олеснување и бев лута на себе зошто порано не го сторив тоа. Сега дури и јавно на таа темаси правам шеги на сопствена сметка. Мора луѓето да престанат да го живеат ова болно секојдневие и страв што ќе кажат другите. Другите секако ќе кажат нешто, па затоа бори се за себе.
И за крај што ново се подготвува на музички план и дали од Михова може да очекуваме нешто поинакво или се останува во сензибилитетот по кој те запознавме?
- Чекам да се наместат некои коцки, да се поклопат некои работи и секако ќе има нешто ново. Не сакам да брзам, се сакам да биде по ред. Сега за сега најнова ми е соработката со фотографот од Кавадарци Мики Ѓорѓевиќ. Момчето е преталентирано и многу се радувам за такви луѓе, го заслужува целото внимание на светот.