Талентираната Мина Блажев, девојчето кое ја претставуваше Македонија на последното, јубилејно, 15-то по ред издание на детската Евровизија во ноември лани, во грузиската престолнина Тбилиси ја започна естрадната кариера со својата прва соло песна.
По евровизиската „Dancing Through Life“, на која комплетен автор беше композиторот и продуцент Александар Масевски, а стиховите беа отпеани на македонски и на англиски, слатката Мина излезе од студиото на хитмејкерот и музички продуцент Роберт Билбилов со ар ен би првенчето насловено „Веќе нема“.
Just RB Production на Билбилов стои како зад музиката, така и зад продукцијата, додека одличното тинејџерско видео, снимено во околината на Скопје, во прекрасен летен амбиент, само визуелно ја надополнува ионака одличната звучна слика на песната, а него го потпишува проверениот мајстор, Александар Ристовски – Принц.
Очигледно уште со првата песна со која ја стартува својата естрадна кариера, Мина повторно покажува дека „крвта не е вода“. Имено, Мина Блажев е внука на Владимир Блажев, алиас Панчо од ДНК, која на јавноста и стана позната по своите забележителни настапи на регионалното музичко талент шоу „Ѕвездичките на Пинк“ каде ги собра аплаузите и ги доби сите пофалби од жирито.
Дека „Веќе нема“ дилеми оти Мина Блажев е новата македонска поп ѕвездичка што се раѓа, слушнете и погледнете во продолжение: