Младата пејачка Драгана Јовановска дебитираше на последното 38-мо издание на музичкиот фестивал „Макфест 2023“.
Таа пееше на првата фестивалска вечер, наменета за нови таленти, од каде само пет изведувачи според бројот на гласовите од жири комисијата имаа можност да настапат и на втората, односно ревијалната вечер.
Драгана беше избрана според гласовите на жири комисијата и публиката во салата да биде една од петте изведувачи кои настапија и во вечерта со етаблираните музички имиња од Македонија.
Младата Драгана уште во првата вечер ги освои симпатиите на публиката со нејзината песна „Случајно“, на која како автор на музиката заеднички се потпишува со продуцентот Иле Спасев, додека таа сама го напиша текстот.
„Што да кажам, јас сум презадоволна од моето претставување на „Макфест 2023“. Беше одлично, супер организација, многу убави песни, дружење со младите и повозрасните колеги. Сигурна сум дека ќе учествувам и наредните години на фестивалот“ – изјави новата македонска музичка надеж на која музилката и е во гените, зашто потекнува од музичко семејство. Нејзини родители се познатата естрадно музичка двојка од Куманово, фолк пејачката Тања Јовановска – Трајкова и нејзиниот сопруг, музичарот Младен.
Инаку за потребите на новата песна, Драгана пред еден месец сними и видеоспот и тоа не било каде, туку на една од најпосакуваните светски дестинации за одмор – волшебните Малдиви.
„Малдиви беше мојот одмор од соништата, но си реков кога веќе сум таму, пред да заминам организиравме екипа од таму за да го снимиме видеоспотот. Се надевам ќе им се допадне на публиката и ќе ужива во него и во песната“ – вели Јовановска.
Инаку Драгана нема да застане тука или пак да прави пауза, таа со својот тим од соработници веќе некое време работат и на други песни, па поради тоа блиска иднина очекувајте уште многу музика од неа…
Дотогаш, проследете го и уживајте во видеото за нејзиното макфестовско музичко остварување – „Случајно“.