Како што најавија организаторите, годинешново 38-мо издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2023“ во Штип, според списокот на музички имиња и квалитетот на песните кои ќе ги изведуваат, нуди мошне атрактивна музичка понуда.
Покрај оние помладите или помалку афирмираните музички имиња кои ќе настапат во првата фестивалска вечер, втората најавува вистинска македонска музичка „прва лига“ засилена со неколку македонски суперѕвезди. Некои од нив пред извесен број години учествувале на „Макфест“, некои за прв пат ќе застанат на фестивалската сцената на домот на културата во Штип, но сите заедно се едни од најголемите македонски музички имиња со бројни хитови зад себе што и денес ги пејат и повозрасните и помладите, а радиостаниците со години не престануваат да ги вртат.
Едно од нив спаѓа меѓу најголемите македонски поп ѕвезди на сите времиња, човекот кој напишал и испеал десетици хитови и оставил зад себе дузина безвременски балади кои ги пеат неколку генерации. Или што би рекле пејачот за сите времиња и сите возрасти, „чаирскиот романтичар“ Владо Јаневски повторно ќе пее на „Макфест“. Триесет (30) години по „Чаирска романтика“, ѕвездата во своите „златни години“ се враќа на сцената на најугледниот македонски фестивал на забавна музика и тоа токму со песна насловена „Златни години“.
„Триесет години после „Чаирска романтика“ и „Еден бакнеж“ доаѓам повторно на Макфест… На 21-ви октомври со нова песна насловена „Златни години“… Се гледаме на „Макфест“! – ќе порача Владо во своето видео-обраќање на Инстаграм, како најава за неговото учество на фестивалот.
View this post on Instagram
Покрај него, меѓу останатите познати музички имиња како што е веќе најавено годинава ќе настапат уште дузина македонски музички ѕвезди, меѓу кои и: чуварите на македонската етно традиција, групата „Љубојна“, Андријана Јаневска, Ламбе Алабакоски, Бојана Скендеровски, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Таско…
И уште грст други познати имиња од „првата лига“ на македонската музичка сцена, кои ќе се појавата на фестивалската сцена за да создадат „музичка фестивалска симфонија за цела Македонија“ – како што гласи и годинешниот фестивалски слоган.
View this post on Instagram
Се разбира истите засилени со шесте најдобри со највпечатливи песни и нивните изведувачи од првата фестивалска вечер, кои ќе им се придружат на оние во втората макфестовска ноќ на ѕвездите.
Низ двете фестивалски вечери кои и годинава директно ќе ги пренесува МРТ, публиката во домот на културата во Штип како и онаа покрај ТВ екраните и овој пат ќе ја водат фестивалските домаќини, познатата водителска двојка Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски. Но пред и за време двете фестивалски вечери на црвениот тепих, на сцената и зад неа – во бекстејџот ќе се појават и неколку други познати македонски естрадни и јавни личности, во улога на фестивалски презентери.
Сепак комплетниот список на учесници во обете фестивалски вечери, сите детали и поединости околу сцената, изведбите, правилата и пропозициите… и сето останато што ќе се случува на годинешниот „Макфест 2023“ јавноста ќе биде запознаена на официјалната ПРЕСС конференценија за медиумите и новинарите која ќе се одржи на 12-ти октомври, четврток, во 12.00 часот во хотелот „Хилтон“ во Скопје.
Се’ на се, годинава не очекува еден малку поинаков, музички посвеж, помодерен и потрендовски фестивал, збогатен со големи музички имиња од македонската естрада, a од друга страна и избор на песни за сите генерации… Од оние што веднаш стануваат инстант хитови, до оние што ќе останат безвременски евергрини, какви што Макфест отсекогаш знаел да даде. Затоа и се очекува и оваа да биде една од оние макфестовски „златни години“!