Кој создава чудовишта во секојдневието и како не се прифаќа нешто поинакво, е темата на младинската претстава „Франкенштајн“ во Театарот за деца и младинци (ТДМ) чија премиера е закажана денеска, на 6 јули, во 20 часот.
Претставата работена по мотиви од романот „Франкенштајн“ на Мери Шели, е во режија на Кокан Младеновиќ и претставува едно модерно читање на романот.
„Претставата се занимава со темата на создавањето чудовишта во секојдневието и општото неприфаќање на инаквиот во светот во кој живееме. Оваа претстава се обидува да одговори на прашањата за тоа како се случуваат девијациите во однесувањето на луѓето и од што истите се предизивикани. Дали секоја акција е реакција, и дали се раѓаме со перцепција за тоа што е исправно/ добро/ прифатено/ правилно, или пак тоа е нешто стекнато, она на што не учи мнозинството. И секако, на крајот ова е претстава за стравот, за тоа дека стравовите ни ги всадуваат уште од најраното детство и потоа, обидувајќи се да се одбраниме од тие стравови реагираме на начин на кој создаваме чудовишта од себе си и од другите околу нас“ – ќе рече Драгана Лукан Николовски, еден од драматурзите на претставата, заедно со Димитрије Коканов.
Играат: Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.
Текстот за претставата е на Кокан Младеновиќ, Драгана Лукан Николоски, Димитриjе Коканов, Наковски, Јанковска, Димитрова, Спировска, Петровиќ, Кирковски и Митевски.
Сценографијата е на Кирил Василев, костимографка е Александра Пециќ Младеновиќ, композитор Лука Кантарџиев, а текстот за музиката е на Никола Ристески и целата актерска екипа.
Кореографка на претставата е Олга Панго, а фотографијата и дизајнот на плакат и брошура ги потпишуваат Соња Ставрова Кирковски и Марија Мишева.