Мегафон Оваа среда, на 26-ти јули...

Во рамките на годинешниов „Струмица опен 2023“: „Боемска вечер со Живко Динев и пријателите“

Во рамките на годинешниов „Струмица опен 2023“: „Боемска вечер со Живко Динев и пријателите“

Живко Динев, некогашниот член на „Браво бенд“, каде што беше бас гитарист и вокал,  по напуштањето на бендот заплови во соло водите со неколку авторски песни.

По дуетот со Миле Кузмановски и песната за родната Струмица и кавер верзиите на грст познати песни со познати македонски музичари, харизматичниот Жика реши да направи еден поголем потфат.

Имено во рамките на годинешното 12-то по ред издание на летниот отворен фестивал „Струмица опен 2023“, харизматичниот Жика ќе има своја, таканаречена „Боемска вечер со Живко Динев и пријателите“. Настанот е замислен како своевидно музичко дружење со познатиот музичар и неговите пријатели – специјални гости, познати и популарни имиња од македонската естрада: Миле Кузмановски, Сузана Гавазова и Коки – виолина (екс – Дуле и Коки) кои ќе ги забавуваат присутните со своите изведби. Придружна група таа вечер ќе бидат членовите на познатите „Арија бенд“ и уште некои музичари, а покрај несомнено загарантираната забава, кон целиот хепенинг ќе се придружат и петте околни ресторани, односно угостителски објекти кои се во кругот и тоа: „Шалом“, Хепинес“, „Елизабет“, „Бонита“ и „Вила парк“.

Тие со својата богата угостителска понуда и услга, вечерта ќе ја збогатат служејќи ги присутните гости на масите со вкусни јадења, познати специјалитети и бројни пијалоци, додека на бината се изведуваат мноштво познати македонски и балкански боемски песни, од внимателно избраниот репертоар за таа вечер.  Онака како што и доликува на боемштината – со дружба, песна, закуска и пијалак, да се наздрави за радост, среќа и само убавини во животот.

Во меѓувреме, Жика и екипта заедно со неговите гости како вистински професионалци сериозно си ја сфатиле работата па сите онака собрани колку и да го владеат музицирањето, тргнале да го обноват материјалот, зашто ако „повторувањето е мајка на знаењето“, увежбаноста и уиграноста до перфекција, се исто толку важни во музиката.

„Боемската вечер со Живко Динев и пријателите“ во Струмица ќе се одржи  во градскиот парк (чешмичка) утревечер, на  26-ти јули (среда) со почеток во 20 часот и е дел од годинешната манифестација „Струмица опен 2023“.

To top