Радио Милева

Работи кои можеби не сте ги знаеле за Ферус Мустафов: Вака изгледал со коса и без брада во младоста „кралот на саксофонот“ (ФОТО)

Работи кои можеби не сте ги знаеле за Ферус Мустафов: Вака изгледал со коса и без брада во младоста „кралот на саксофонот“ (ФОТО)

Веста за заминувањето на кралот на саксофонот Ферус Мустафов длабоко ја потресе Македонија и македонската естрада. Нејзините автори, музичари и изведувачи, особено оние од народната музика, а такви речиси и да нема со кои Ферус не соработуваше, како и со дел од забавната, поп и арен би изведувачите кај нас. Музичар парекселанс, виртоуз на саксофонот, кларинетот, но и на уште дузина други музички инструмиенти, кои Ферус со врвна умешност ги свиреше, на број петнаесетина.

Малкумина знаат дека на Ферус прв инструмент не му е саксофонот, туку виолината. Роден е во најмузичкиот град во Македонија, Штип, каде учел музичко училиште, чиј татко Илми Јашаров е првиот музичар во Македонија кој саксофонот го внесува во народната музика.

Како што самиот ќе рече во една пригода, штипскиот чочек е дело на неговиот татко, а тој од него ќе го засака саксофонот и ќе продолжи по неговите стапки станувајќи виртуоз на овој дувачки инструмент. Музички мајстор каков што со децении ќе нема не само во Македонија, туку и во регионот.

Придавката или поточно епитетот „кралот на саксот“  ја добил кога во Лондон го снимил првото ЦД со чочеци. Прекарот ќе му го дадат колегите Англичани со кои тогаш соработувал, кои први ќе го наречат Ферус – кралот.  И нема да згрешат, устоличувајќи го за навека, до последниот ден на неговото музичко дејание.

Музиката и музичкото умеење ќе го носат насекаде, од најблиското соседство па се во многу земји низ Европа и светот, каде ќе биде ценет, почитуван, познат и признат, а заработувачката од музиката на моменти ќе достигнува дури и вртоглави бројки.

Така, во една прилика тој за медиумите ќе открие  дека најголемиот бакшиш што некогаш го заработил во животот бил на еден настан во Франција, каде настапувала целата српска естрада, кога заработил 180.000 евра за само една вечер!

Ферус Мустафов не е само врвен музичар туку тој им бил идол и учител на некои од денес многу познатите музичари. За негов наследник се смета  неговиот внук Ферчо Мустафов, но ферус им бил учител и на имиња како што е Џамбо Агушев на пример, кој е токму на некој начин негово откритие, а денес важи за „крал на трубата“. Нему токму Ферус му го дал прекарот „Џамбо“,  а чие вистинско име всушност е Исин.

„Беше кај нас на гости, дека фамилијарно многу си живееме и јас почнав да свирам нешто, а Ферус вели: Аааај, овој како свири! И ме зема кај него и ми рече: Ај ќе ти направам јас еден албум… Тогаш имав само 11 години. Потоа Ферус ми вели: Ти си брз како Џамбо џет авион, ќе ти го ставиме прекарот Џамбо“ – откри Агушев во едно свое ТВ гостување, во кое Џамбо исто така нагласи дека Ферус многу му помогнал, го учел да свири, но знаел да биде и строг.

„Во студиото имаше соба и ме остави да се одморам, а јас заспав. Откако ме разбуди ми рече ајде свири, но јас не можев и тогаш му удри една шлаканица и јас почнав веднаш да свирам. Од страв почнав се да паметам. „А, тебе ти треба ќотек, да памтиш ли?“ – ми рече Ферус, ама јас не му се налутив – откри Џамбо.

Речиси никој или само малкумина  паметат како изгледал Ферус во младоста, на почетокот од кариерата. Фотографиите од обвивките на плочите и касетите сведочат за тоа време. Со црна, настрана исчешлана коса, густи зулуфи и без брада.

Многумина во вакво издание не би ги ни препознале, да не знаете дека се работи за кралот на саксофонот.

Подоцна Ферус ќе пушти брада која со годините ќе стане неговиот заштитен знак.

Што се однесува до неговиот имиџ до самиот крај на животот, тој речиси остана непроменет. Таков и замина во царството небеско, во вечноста која „кралот“ Ферус Мустафов оддамна ја заслужи.

Фото: Инстаграм/ Фејсбук принтскрин/ Приватна архива

 

 

 

 

To top