Радио Милева Животна приказна

На македонската фолк легенда Петранка Костадинова песната и беше живот, а животот несреќно и згасна непосредно по последната испеана песна (ФОТО)

На македонската фолк легенда Петранка Костадинова песната и беше живот, а животот несреќно и згасна непосредно по последната испеана песна  (ФОТО)

Петранка Костадинова, бисерното грло на македонската фолк музика и легенда на македонската новосоздадена фолк песна е родена е во Сомбор, Република Србија, како дете во семејство на бегалци од Егејска Македонија. Во нејзините детски години семејството прво се сели во Демир Капија, а тинејџерските и моминските години од младоста ги минува во Неготино. Песната ќе ја донесе во Скопје, каде што формира семејство и добива две машки деца.

Кротката жена со топол глас, со кој знаеше да варира од рафиниран болежлив пискот, до нежно милување на ранети срца, толку типично и толку неизбежно во македонската народна песна, ги испеа најубавите македонски фолк рефрени како:  “Не кажувај либе добра ноќ”, “Кирјана”, “Слушни ја сестро песната”…

Во својата триесетгодишна кариера, учествуваше на речиси сите фестивали на новосоздадена фолк песна, што никнаа во Македонија, од кои ќе останат запаметени песните:
“Леонид со мајка вечера” од првото “Валандово”, “Мајсторе, мајсторе”, “Две калинки”, “Слушни ја сестро песната”, “Мајка”, дуетот со Ѓоко Дончев – “Името не го даваме”, хумористичната песна испеана со Ленче Кукиќ- “Една куќа, две жени”…

Во текот на својата богата пејачка кариера, нејзините песни беа дел од многу изданија на носачи на звук – аудио касети и ЦД-а.

                                                                         Таа е една од оние појави во македонската народна песна кои ја преставуваат врзната нишка, што го дава континуитетот на фолклорното творештво со новосоздадената фолк музика.
Всушност, нејзината појава е врзана со почетоците на авторизација на песните пишувани во духот на народната староградска песна.

За првпат таа ги има испеано песните на легендарниот автор, и хармоникаш Наско Џорлев: “Не кажувај либе добра ноќ” и “Во Струмица на улица”, пред речиси триесет и пет години.


Оттогаш, Петранка Костадинова во својот репертоар ги има испеано речиси сите македонски народни бисери, но како и секој вреден изведувач, има барем една песна што се врзува за неговата интерпретација.

Нејзина песна беше “Кирјана”, иако не помалку знаеше да ги растрепери срцата и со “Ја излези стара мајко”, “Едно малој моме”, “Трај душо трај”…

И покрај врвните вокални кавлитети и извонредната интерпретација она што остана како неправда е дека речиси сиот свој живот Петранка била слободен уметник,                    невработена во ниту една инстутуција, иако својот живот го заврши како членка на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.

Но, таа за ништо не се жалела во животот. Била ненаметлива, тивка, скромна, приврзана за семејството. Со својата песна го имаше минато речиси целиот светсекогаш се потпирајќи само на својот неоспорен пејачки талент. Легенда со бисерно грло, жена со големо срце која и како мајка и како човек со бескрајна љубов со своето ненадејно заминување од овој свет оставила голема празнина во  животите на членовите на семајството, но и во макдонската фолк музика, зашто Петранка можеше уште многу да придонесе и даде.

А трагедијата ќе се случи на 3 февруари 2002 година, во приквечерината на денот кога веста за нејзиното заминување ја остави Македонија во шок. Познатата пејачка се упокои по сообраќајната несреќа во центарот на Скопје, каде претходно таа била во музичките студија на МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната што требало да ја изведува на престојниот фестивал на новосоздадена фолк песна со патриотска содржина  -“Гоце Фест”.

Судбина било таа воедно да е и нејзината последна снимена песна. Како што на Петранка Костадинова песната и беше живот, судбинта сакал непостредно по последно испеаната песна животот за жал и да и згасне.

To top