Промотер

Тамара ја опиша внатрешната борба во себе во – „Нијагара“ (ВИДЕО)

Тамара ја опиша внатрешната борба во себе во – „Нијагара“ (ВИДЕО)

По дует песната со Тара, насловена „Само ти ми фалиш“ која беше во манирот на старите диско хитови од 80-ите, Тамара Тодевска има нова песна и очигледно малку поинакви планови.

Денес, среда, 2 март 2023 година една од најдобрите женски вокали не само во Македонија туку и во регионов ја промовираше во етерот  нејзината „Нијагара“.

Музичка тема која е ссема поразлична од она што сме можеле да го слушнеме од Тамара во последно време. Модерна ар ен би слоу – ритмична нумера, спакувана во духот на новото време, со совршена продукција и избор на бои и звуци кои се користат во новите музички трендови. Сето тоа аранжмански стокмено, дотерано  и испеглано да звучи светски иако е наше, балканско.

Музиката и стиховите се  заедничко дело на во последниве години веројатно најголемиот македонски хит-мејкер Лазар Цветковски и самата Тамара, продукцијата пак ја направил самиот Лазе што се чувствува во моќта на самиот саунд.

Песната е отпеана на српски јазик, што само наговестува дека Тамара која не енепозната кај северниот сосед има намера конечно да се обиде да ја освои комшиската поп сцена. нешто што можеби требаше да проба оддамна да го направи, зашто за тоа ги има сите предуслови: Музичко – вокалните квалитети, изгледот, имиџот, контактите, сестра и Тијана… и уште многу други скриени адути неопходни за успех.

Шлагот на тортата доаѓа со визуелизацијата на песната. Видеото на Огнен Шапковски и екипата на „Мелем продукција“ можеби не е сензационално, но е повеќе од ефектно и функционално и совршено соодветствува со стиховите на песната.

Со визуелна симболика која ја  пренесува сета внатрешна борба, сета трпеливост и (не)одлучност, сите внатрешни стравови немири и дилеми, сите правилно и погрешно повлечени потези, сите победи и порази, погодоци и промашувања…  сето талкање од крајност во крајност. Визуелен опис на патот по трње на душата од „пеколот до рајот“, во внатрешната борба што во себе ја води секој од нас, па и самата Тамара, што на песнат и дава доза на автобиографска нота.

Се’ на се’, ова како да наведува на некаков нов почеток, на старт на интернационална кариера на Тамара. Ако е така, нека тече како… „Нијагара“ (КЛИКНИ ТУКА):

To top