Од 18 до 20 мај, Битола ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот „Џез фактори“ (Jazz Factory). Главната програма ќе се одвива на терасата пред офицерскиот дом, а оф-програмата и работилниците ќе се одвиваат во кафе-барот „Камарите“, кафе-барот „Порта џез“, мезе-барот „Јагода“ и винаријата „Чифлик“.
Идејата потекнува од 2011 година кога џез-музичарот и шефот на катедрата на џез-студиии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Сашо Поповски, ги започна џез-работилниците „Џез-фактори“, проект кој заврши во 2012 со џез-концерт, а кој минатата година во соработка со МКЦ се одвиваше во општина Могила со 4 работилници. Со текот на времето оваа идеја се развива и тој едукативен центар прераснува во џез-фестивал кој оваа година ќе го има првото издание. Фестивалот е во заедничка соработка со центарот за културна деконтаминација од Битола.
Првото издание носи реномирани светски имиња од џез-сцената, пред сè специјалниот гостин кој доаѓа од Барселона, Душан Јевтовиќ. Тој ќе настапи со неговото трио во кое членува реномираниот Васил Хаџиманов, како и тапанар од Израел кој живее во Лондон – Асаф Сиркиз.
Втората вечер на фестивалот ќе настапат два македонски бендови – „Сашо Поповски трио“ и „Фирс“, кои ќе изведат дел од нивниот прв албум и дел од новиот материјал кој веќе го снимаат.
Фестивалот ќе го затвори Тони Китановски со неговиот бенд. Дел од ова трио е и Иван Бејков.кој е основач и композитор во проектот „Злуст“.
Оф-програмата ќе биде комплетно во реализација на студентите на џез-катедрата од Универзитетот во Штип.
Фестивалот ќе се одвива со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, општина Битола, а телевизија „Тера“ е медиумски покровител. Работилниците ќе ги одржат Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов, Асаф Сиркиз и Тони Китановски, а како дел од програмата е и дебатата која ќе ја одржат музичките новинари од цела Македонија.