Познатиот македонски музичар, композитор и пејач Благој Блаж Маротов деновиве промовираше нова песна.
Откако лани летото го промовираше својот последен албум насловен како „Среќа барам“ на која работеше две години, музичарот годинава одново е активен. Новата песна носи наслов „Лаго моја“ и во неа уметникот ги демонстрира сите свои музички и авторски способности, како и свиречката виртуозност.
Станува збор за уште една негова песна, на која тој е потпишан како автор на музиката, аранжманот, продукцијата и секако негова е изведбата, а свири “живи инструменти” како гитари, бас, клавир и самиот ги пее придружните вокали. Стиховите се дело на стариот добро проверен мајстор на лириката, текстописецот Огнен Неделковски.
„Текстот на Огнен го имав уште на почетокот на пандемијата, ама поради редот на нештата и работата на многу други обемни музички материјали, пред се албумот со забавни песни “Среќа барам” и албумот со етно преработки “Класика М”, оваа песна почека и редот на “Лаго моја” и дојде сега. Малку е во во изменет стил, за разлика од првата сосема различна верзија, но сепак на мое и на задоволство на Огнен. Во песната учествува и мојот колега професор Петар Колевски на кларинет. Мастерингот го направи Диџеј Партимен“ – открива авторот и изведувач.
И спотот е снимен според негова идеја и замисла.
„Во спотот се користени материјали од преубавиот “Ресорт Портонови” во близина на Херцег Нови, и некои скопски локации, како “Хантерс Лоуџ Камник”, Градски парк, Автокоманда… Во спотот како мои гости се појавуваат и Дамјан Ѓоргиев и Петар Колевски“ – вели Блаж промовирајќи ја новата песна која овој пат е отсвирена во џезиран поп – свинг манир.
Како звучи „Лаго Моја“ на Блаж Маротов, проследете во видеото за песната во продолжение (КЛИКНИ ТУКА):