Мегафон

Проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите со бесплатни концерти во Штип и Битола

Проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите со бесплатни концерти во Штип и Битола

По 5 години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески ја продолжува мини-серијата концерти со македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“.

По спектаклите во струшкото село Збажди и пред Националната опера и балет во Скопје, в недела на 25 септември на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип и в понеделник на 26 септември на платото пред Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 19 часот, Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“ што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот.

Проектот што по идеја на Трпчески на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, ја изведува уникатниот тим на „Македонисимо квинтетот“ во кој, покрај Симон Трпчески на пијано, членуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

И оваа изведба, публиката ќе може да ја проследи бесплатно.

Со оваа домашна турнеја се одбележува и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

Концертите се организираат со поддршка од Општина Штип и Општина Битола.

To top