Младата кантавторка и пејачка Дина Јашари од Македонија ја доби наградата „Милан Младеновиќ“ за 2022 година за најдобра песна во регионот за песната „Дома“.
Одлуката за доделување на оваа награда на Дина ја донесе регионалното стручно жири, кое годинава го сочинуваат: Миле Кекин (Хрватска), Соња Лончар (Србија), Матјаж Манчек (Словенија), Едо Плованиќ (Хрватска) и Драгиша Ускоковиќ Чима (Србија).
Ова е и првпат наградата да ја добие уметник надвор од Србија. Претходните добитници на Наградата востановена во 2019 година беа Артан Лили со песната „D.E.P.R.A“, Драм со „Дај ми све“ и Ana & The Changes со песната „Ту“.
Освен Миле Кекин, кој имаше обврски со матичниот бенд „Хладно пиво“, целото жири присуствуваше на церемонијата организирана од Фондацијата „Милан Младеновиќ“ по повод доделувањето на наградата „Милан Младеновиќ“ 2022 година, симболично, на роденденот на Милан, во белградскиот Дорќол Плац, на 21 септември.
„Ова е голема поддршка за мене и за мојата музика и ви благодарам што ги поддржувате уметниците од нашата област. Минатата година бев и во финалето со уште една песна и добив навистина прекрасни коментари“, со возбуда рече Дина Јашари по добивањето на наградата Милан Младеновиќ 2022, чијшто лауреат е таа годинава.
Фото: Zadužbina Milana Mladenovića /Jadranka Ilić