Јуре Бркљача (27), млад музичар од Задар -Хрватска, на Интернационалната вечер на „Охрид фест“ со песната „Не постојим кад ниси ту“ на Мирослав Рус ја освои првата награда од публиката. Со „медитеранот во себе“, топлината во гласот и далматинска непосредност ги освои сите, па вети дека ќе доаѓа почесто.
Неговиот музички пат во Хрватска започна на натпреварот „Тhe voice“ во 2015 година, и за само неколку години целиот талент и дарба испливаа на површина. Еве со какви импресии Јуре се врати во својата татковина.
По поминати 1000 километри, што прво направи кога пристигна дома?
Јуре: Патував со феноменална екипа од Словенија, што за прв пат ја запознав, а се дружевме како да се знаеме со години. Тоа беа новинарот Вања Вардјан и дел од групата „Рандеву“, Миро Чекелиш и Божидар Волфанд. Од Охрид тргнавме за Загреб, со неколку паузи, па и „гурманска“ во Скопје, каде ручавме, пристигнавме во понеделник, околу 4 часот наутро. Првин легнав да се наспијам. Потоа, веднаш се фатив за гитарата а потоа почнав со тренинг.
И, кои се впечатоците неколку дена по победата на „Охрид-фест“, како беше на фестивалот, колку те изненади наградата, ја почувствува ли енергијата на исчекување на „она нешто“?
Јуре: Голема чест ми е победата на „Охрид фест“ а најдраго ми е што публиката го препознаа медитеранот во песната. Се изненадив како луѓето ме прифатија „од прва“. Целта ми беше да дојдам во Македонија, да се претставам и да ја запознам вашата земја, не размислував за никаков пласман. Особено што едни од моите најголеми музички идоли ми се Тоше Проески и Влатко Стефановски, така што честа да победам во земјата од каде што се тие, е уште поголема.
Првпат си во Македонија и ете, се случи убава работа, награда и можноста да ни доаѓаш почесто. Што ти се допадна кај нас?
Јуре: Најмногу од се ми се допаднаа луѓето кои имаат голема љубезност кон гостите. Охрид е прекрасен, го има „она нешто“. Сите денови пред фестивалот се дружевме во локалот Харбор и свиревме клавир. Запознав добри луѓе и пријатели на кои ќе им се јавам секогаш кога ќе дојдам во Охрид. А што се однесува до храната, многу е добра и морам да признам дека веќе ми недостасува.
Соработуваш со Мирослав Рус, и тоа е голема радост за двајцата, па кажи ни како започна тој музички пат, како работите?
Јуре: Рус е мојот пријател пред се. Во една прилика ги слушаше моите песни во студио и едноставно се случи „кликнување“, имаме многу сличен поглед на музиката. Мене ме импресионираа неговите песни и текстови.. Сметам дека Рус е еден од најдобрите автори на сите времиња на овие простори. Има безвременски песни. Од него најмногу научив за музиката и за работата. Го снимивме заедно мојот прв албум „Остани тајна живота мог“ и подготвуваме уште песни кои едвај чекаме да ги слушнете. Рус е посебна личност, добар пријател и човек.
Кои ти се ангажманите во следниот период?
Јуре: Работиме на новиот албум и на тоа сум најмногу фокусиран. Се радувам на новите песни и средби со публиката. Свирењето во живо ми ги полни батериите и ми дава голем предизвик. Имам многу енергија и младост, сакам да ја искористам таа прилика и да оставам трага зад себе.
Фото: Марино Бркљача