Министерството за култура објави дека нема да префрли 153.000 денари на Општина Крива Паланка за организирање на рок фетивалот „Џој Фест“, бидејќи на него ќе настапи Аца Лукас. По оваа вест се јави градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски кој вели дека концертот на српскиот фолк пејач не е во рамките на фестивалот, туку е договорен за прославата на Денот на рударите.
„Парите од Министерство за култура не се префрлени, само е склучен договор, а настапите на сите учесници на „Џој Фест“ и Аца Лукас веќе се платени од спонзори. Што значи дека Министерство за култура не ни мора да ги префрла, иако, секако дека беа наменети за македонски пејачи. На „Џој Фест“ ќе настапат Каролина Гочева, Бени и„Нон Стоп“, Гоце Саф, „Брас брадарс“ и други, што значи исклучиво македонски пејачи. Но и за нив 153.000 денари од Министерство за култура не се доволни, а тие се веќе исплатени, вели Митовски.
„Џој Фест„ е поп-рок фестивал и се роди на иницијатива на група музичари од Крива Паланка, но по неколку години влезе под капата на општината и на него за сите овие години никогаш не учествувал турбо фол пејач. Оттаму и кажувањето на градоначалникот дека концертот на Лукас, кој е закажан за 28-ми овој месец, не е во рамките на „Паланечко културно лето“ и фестивалот, бидејќи „Џој Фест“ со настап на Бени, Каролина и другите пејачи и групи се одржува ден претходно, на 27-ми август.
Според него српската турбо фолк ѕвезда ќе настапи исклучиво поради желба на граѓаните, бидејќи во секојдневен разговор со нив тие самите го предложиле српскиот пејач да ги забавува за празникот.
„Со парите од Министерство за култура не ни може да се плати Аца Лукас, а искрено и дел од македонските пејачи. Аца Лукас чини 15.000 евра, а од Министерство за култура добивме 153.000 денари (околу 2.500 евра) како кофинансирање за учество на домашни пејачи. Мене навистина ми е жал за ваквата одлука и за недоразбирањето. По оваа информација јас се слушнав со министерката, на која и реков дека не мора да ги исплатат, бидејќи и настапите на домашните изведувачи ќе ги покриеме со спонзори. Општината учествува само со 600.000 денари, а останатите пари за другите манифестации, меѓу кои и концертот на Лукас се од спонзорства. Еве ќе кажам дека за концертот на Аца Лукас еден од поголемите спонзори е и самиот рудник во Крива Паланка, бидејќи, како што реков, неговиот настап е за Денот на рударите, по нивна желба“ – изјави Митовски.