Водителката Елена Стефановска, по речиси четири години врска, се омажи за Бојан Најдоски. Иако си го смени презимето, вели дека и понатаму останува Елена живот со стил, по емисијата што ја прави веќе единаесет години и по која е препознатлива.
Од свадбата на Елена и Бојан поминаа две недели. Во пет до дванаесет морале да ја сменат локацијата на венчавката, но Елена признава дека и покрај целиот стрес претходно, ништо не би менувала и дека тоа ѝ е најубавиот ден во животот.
„Неколку дена пред свадбата сфативме дека ќе врне и дека нема да може да се венчаме на отворено. За 48 часа најдовме нова локација. И моравме да откажеме сè, да смениме декорации и да најдеме нова идеја како ќе изгледа ентериерот. Наместо ѕвездено небо и прв танц на свеќи под ѕвездите, имавме прскалки и облаци од пареа, ама беше романтично, во стилот на Италија, како што си замислувавме. Ама ако сега ме прашаш дали би правела свадба на отворено и би сменила нешто, ќе ти кажам не, вака беше совршено“, вели Елена за „Репортер“.
Додека разговаравме во семејниот дом, Елена ни ја раскажа љубовната приказна со Бојан. Се запознале преку заедничка пријателка во италијански ресторан во Скопје. Тој не сака да се појавува во јавноста, но се гордее со Елена и нејзините успеси.
Бидејќи и двајцата се романтичари, кои сакаат да патуваат, а ја обожаваат Италија, решиле првиот свадбен танц да им биде на песната Love in Portofino од Андреа Бочели. На свадбата им пееше и српскиот пејач Никола Роквиќ, кој сними видеопорака за „Репортер“ и раскажа за познанството со водителката и нејзиниот сопруг.
Со Елена зборувавме и за стилот, ритуалите за убавина и колку ја плаши стареењето, а и како се снаоѓа во кујната, но и за тоа колку се разликува приватно од она што го гледа јавноста на „Инстаграм“ и дали во текот на годините ѝ ставале сопки во кариерата.
„Повеќе од 15 години работам напорно да стигнам до овде кај што сум денес. Никој ништо не ми дал на тацна. Поради кариерата, сум пропуштила многу родендени, свадби на пријателите. Сега е време да се смирам и да уживам“, искрена е таа.
За идеалната венчаница што ја нашла во Солун, а не во Милано, колку ѝ било стресно за два дена да организира нова свадба, за романтичното барање на раката во Москва за Нова година, но и блискоста со сестра ѝ, која живее во Хрватска, и времето кога работеше како радиоводител….