Промотер

Дарио со носталгија по старите добри времиња го истури сиот гнев од душата во баладата – „Какви се ова времиња“? (ВИДЕО)

Дарио со носталгија по старите добри времиња го истури сиот гнев од  душата во баладата – „Какви се ова времиња“?  (ВИДЕО)

Дарио Панковски е еден од ретките македонски музички поп ветерани, кои се’ уште се активни на домашната естрадна сцена. Познат како пејач, а уште повеќе и самиот како автор, кој можеби твори полека, песна по песна, една-две во годината, но како по правило, се’ што ќе напише или станува хит или останува евергрин. Така било отсекогаш, така е последниве години, а таков е случајот и сега, со неговата најнова балада – „Какви се ова времиња?“, која уште на прво слушање претендира да стане безвременска!

Една од оние балади кои имаат душа во себе, а се напишани за сечија душа, за секој што во нив ќе се препознае, а во оваа ќе се препознаат многумина… Цели  генерации, „изгубени“ во своите спомени на едни многу поубави и посреќни времиња, кога душата на многу нешта имаше да се радува, освен само на песната. А токму таа, песната останува да не потсетува дека радоста е безлична ако е лажна, украдена,  со пари купена, без среќа стекната… Таква, каква што е најчесто токму во овие несреќни времиња!

„Какви се ова времиња?“ е класична гитарска поп балада, налик на една од оние што ги испеа Аки во „Парни ваљак“, само на поинаков начин вокално донесена, која со грст емоции и од срце ќе се пее подеднакво гласно насекаде…И на концертите во големите сали и во кафулињата и клубовите. Песна за животот низ годините и времињата кои се менуваат, а ништо добро не носат…  Затоа и старите спомени вредат многу повеќе, од сите овие празни животи, како што пее и самиот Дарио, кој како и најчесто досега е комплетен автор (музика и текст) и на својата најнова песна.

Како соработник кој му помогнала при склопувањето на стиховите е потпишана неговата ќерка Андреа Панковска, додека аранжманот го направил неговиот стар соработник, Кристијан Габроски.

Песната е визуелизирана со одлично урбано видео кое го потпишва AleXanDeR, псевдоним зад кој се крије познатиот македонски музичар и режисер на видеоспотови, Александар Ристовски – Принц.

Проследете во продолжение со каква носталгија по старите добри времиња Дарио го истури сиот гнев од душата во баладата – „Какви се ова времиња“?

To top