Македонскот поп-рок дуо „Куку Леле“ на сите им е познато. И на повозрасните и на помладите генерации кои песните на Роберт и Панки денес ги пеат на нивните настапи. Дузина хитови, атрактивни видеоспотови снимени на егзотични светски дестинации, како Австралија, Рио Де Жанеиро, Амстердам…. и во нив сексапилни разголени убавици кои ги будат еротските фантазии… Така отприлика би можело да се опише она што „Куку леле“ го работат од своето основање па се до денес, во последниве речиси 30 години од своето постоење.
Роберт Саздов основач, идеен водач, композитор, продуцент, душа на дуото, на чии песни сепак душа им вдахнува пејачот, односно специфичниот вокал на Сашо Каимовски – „Панки“.
Но, можеби само повозрасните и малкумина од помладите знаат дека Панки отсекогаш не бил пејач на „Куку Леле“, туку на својот почеток, едно друго момче беше заштитното лице на тогаш штотуку појавеното дуо.
Пејач со силен, моќен, препознатлив глас и за тоа време, мошне фраерски изглед, со фризура со сукани плетенки.
„Стамбол сосе Бардовци“, „Судија“, „Куку леле“, „Карај ме мила мамо“… беа првите песни и фасцинантни видеоспотови за тоа време во почетокот на 90-те кои „македонскиот австралијанец“ Стив Кироски ги испеа и ја направи групата препознатлива, а нејзините песни веднаш станаа хитови на сите радиостаници.
Мускулестото момче со специфичен имиџ беше добитната комбинација како вокал со кој Роберт Саздов својот тогаш нов бенд, односно дуо, преку ноќ го вивна во височините на популарноста, откако претходно му се распадна приказната со „Ластовица“ и Владо Јаневски.
Сепак Стив Кировски кој живееш во Австралија не можеше баш кога и да посака да доаѓа во Македонија на настапи, снимања, ТВ гостувања, па „Куку леле“ беше осоудено или на пропаст или да најде соодветна замена, што и се случи, со доаѓањето на Панки за пејач, во музичката приказна која трае и до ден денес.
Стив остана во „земјата на кенгурите“ каде и ден денес работи и живее, а неретко умее и да запее.
Токму од една македонска семејна веселба, фолк пејачката Татјана Лазаревска сподели видоснимка на која Стив Кироски пее, иако да не знаете дека е тој, тешко дека ќе го препознаете.
Физички можеби видеоизменет со годините, но вокално се’ уште моќен и сугестивен како некогаш, па среде Австралија Стив ја запеа „Кучка неверна“ на свадбената македонска веселба.