Секој родител знае дека една од најтешките работи во животот е кога детето ќе ви постави прашање на кое немате одговор.
Познатиот српски актер, режисер, сценарист и продуцент, актуелен по поледното остварување, балканскиот филмски мегахит Тома, популарниот Драган Бјелогрлиќ во една негова колумна се осврна токму на таа тема.
„Покрај емотивните лузни, кои сигурно долго, долго ќе зараснуваат, ќе остане врежано и едно прашање на мојата ќерка на кое немав одговор.
Во постојаните настојувања да ја убедам да се обиде да најде причина да живее во Србија, во еден од многубројните разговори ми рече дека не ѝ пречат сиромаштијата и фактот дека тешко дека Србија некогаш ќе биде земја во која мнозинството ќе може да живее нормално од своите приходи.
Ми рече и дека знае дека „Кнез Михајлова“ никогаш нема да биде како Кернтнер штрасе во Виена, Теразије нема да биде како Шанзелизе во Париз и дека не ѝ е гајле за тоа. Убави се и вакви. Кажа многу убави нешта за нас, нашата земја и зошто би сакала да живее баш тука, само едно нешто ја мачеше.
Дали сиромаштијата неопходно е проследена со примитивизам? Дали општата деградација на вредностите е неизбежна последица на економското заостанување? Дали овде секогаш примитивците го воделе орото, а пристојните луѓе се тргале и се обидувале да изградат свој алтернативен живот?
Преведено на јазикот на младите: Дали и мене цел живот „сељаците“ ќе ми одредуваат што е добро, а што не? Дали за нив веќе однапред се резервирани скапоцените автомобили и луксузните сепариња, а за останатиот свет трамваите, автобусите и зачадените биртии? Дали таа поделба е завршена, тато?
Секој родител знае дека едно од најтешките нешта во животот е кога роденото дете ќе ви постави прашање на кое немате одговор“.
Фото: Небојша Мандиќ / Курир.рс