Традицијата за возобновување на Божиќни песни, по идеја на Бигорскиот манастир и со благослов на Владиката Партениј, продолжи и оваа година. Никола Перевски -Пере Нокаут, Влатко Лозаноски – Лозано, Стефан Филиповски -Некст тајм и Димитар Андоновски, се веселите коледари во новата, шеста по ред возобновена Божиќна песна која раскажува за една млада девојка, опеана како гулабица, која се успала за празничната Богослужба, па коледарите низ серенада ја будат, опоменуваат. И шестата по ред возобновена Божиќна каланда (песна), во себе го носи специфичниот византиски богат мелос.
Возрасните коледари одат од куќа до куќа и ја пеат не само за Бадник, туку и низ целиот седумдневен празничен период, заклучно со Св.Василиј и Нова Година. Тие весело ги повикуваат домаќините да одат во Црква, таму да го прослават Раѓањето Христово и потоа да го понесат големиот благослов дома.
Божиќната серенада, доби и видео запис кој ќе остане вечен сведок за мисијата на Бадниковите поворки како народен, културен и духовен проект. Aудиото се снимаше во студиото Алшар во Скопје. Екипата, која што со благослов на Владиката Партениј го реализираше овој голем духовно-културен проект, е составена од: режија – Дејан Пројковски и Горан Наумовски ( кој е и директор на фотографија), камера – Стојан Стојановски, асс.на камера – Александар Котевски, продукција – 2С Студио Стојан Стојановски.
Актери: Никола Стефанов, Благица Пупуноска, Ања Сливоски, Соња Михајлова, Митко С. Апостоловски, статисти членовите на КУД – Илинден Битола.
Инструменталисти: Страшо Темков – флејта, Петар Христов – кларинет, Александар Тасевски – фагот, Иван Еминовиќ – клавијатури, Весна Станоевска Миќиќ – харфа, Тимко Чичаковски – канон, Антоние Весковски – перкусии, Владимир Цветковски – виолина, Гоце Вангеловски – виолина, Владимир Димовски – виола, Кирил Јосифов – виолончело, Митко Иванов – контрабас. Музички инженер: Ивица Јанкуловски, оркестрација и аранжман: Владимир Димовски.
„Благодарност до: Митрополит Преспанско Пелагониски г. Петар, семејството Османли и Пејчиновски Пеце“, стои во соопштението.
Видеото е снимано на некои од најпрепознатливите локации низ Битола како: возобновениот Офицерски дом, градскиот парк, Саат кулата, Широк Сокак, куќата на Преспанско-пелагониската православна епархија и други.
Овој видео запис ја оживува серенадата преку една прекрасна божиќна песна која на најубав начин ја покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ. Низ една филмска приказна не’ враќа во минатото на Битола, градот кој серенадата ја има како дел од својата културна традиција.