Мегафон ноќ за паметење

Влатко Стефановски трио во „Интермецо“: Гитарскиот маестро му ја врати душата на Скопје (ФОТО)

Влатко Стефановски трио во „Интермецо“: Гитарскиот маестро му ја врати душата на Скопје (ФОТО)

Влатко Стефановски со своето трио ( Јан Стефановски – тапани и Иван Кукиќ – бас) вчеравечер, среда 17-ти ноември одржа спектакуларен концерт во скопскиот „Интермецо мјузик бар“, кој со настапот на македонскиот гитарски маестро ја продолжи традицијата да биде едено од ретките места кои ја спојуваат забавата со уметноста, ноќниот живот со (суб)културата во македонаската престолнина.

Иако оддамна предодреден за големи концерти, Влатко и младата екипата која го придружува покажа дека подеднакво добро звучи, но и прави штимунг за паметење и во помал, клупски простор, во кој ретко сме го гледале во главниот град.

Полниот мјузик бар, онолку колку што дозволуваат ковид протоколите, широко ги отвори портите и за еден поинаков вид на свирка, а македонската гитарска легенда по којзнае кој пат покажа дека дефинитивно му нема рамен на Балканот, а можеби во Европа кога е гитарското умеење во прашање.

Уште со воведните инструменални преработки ги допре срцата на посетителите со прошетка по македонскиот изворен фолклор, онака, како што само тој знае и умее дтоа да го направи: доволно автентично да се препознае оригиналот и со доволен личен печат да се завери верзијата која тешко дека некој друг освен Влатко може да ја осмисли и отсвири.

Песните од некои други времиња ( „Кантри“, „Џипси сонг“…) кои ги паметиме како „златни“ на публиката и ја стоплија душата како „Кандилце“, кое се’ уште гори со истиот жар и интензитет, зашто Стефановски со својата музика и изведба е тој што „со две раце го чува да не угасне“, а на конзументите на неговата музика бајковито ги потсетува на времето кога нормалното беше навистина нормално, а не извртено, изопачено, дегенерирано, деградирано… како денес.  Дното како врв, прикажан како „ново нормално“!

Турата песни пак од најновото нормално, односно времето на, како што самиот Стефановски ја најави, „локдаун проектот“ – „Тафталиџе шафл“ огледан во ланскиот и последен албум на В.С. триото, беше одбележана со неколку песни, како „Огледало“ или „Фанки – Џанки“, за потоа да дојде кулминацијата. Првиот голем хит од почетоците на „Леб и Сол“, па најдрагиот или најголемиот хит на Стефановски, како што самиот една по една ги најавуваше песните од „златните години“: „Ја нисам твој“, „Мамурни људи“, „Као какао“… И концертен делириум во мјузик барот. Сите на нозе, се пее, се аплаудира, мобилните сликаат и снимаат… За спомен на момнтите кои ја милуваат и разнежнуваат душата, длабоко ги будат емоциите, ја враќаат љубовта и емпатијата… Зашто гитарскиот маестро успеа барем на миг, на неколку часа да му ја врати душата на неговото, наше, Ваше… Скопје.

Истиот оној град кој со помош на стиховите на неговиот брат, покојниот великан Горан Стефановски, како ретко кој успеа да го опее во еден од најголемите хитови, со кој Влатко ја стави „јаготката на шлагот“ на незаборавната вечер. Вечер во која одново видовме дека за „градот на апарати“  има надеж за живот, зашто во него се’ уште „млади моми љубов водат, душа вадат очи бодат“…

И сето останато што легендарната песна „Скопје“ го содржи во своите стихови, со која еуфоријата кулминираше на настапот, а Влатко токму со неа побара присутните скопјани и останати да го испратат него и бендот веќе следниот ден на турнејата низ Германија на која заминуваат.

За крај, Стефановски незаборавната вечер ја заврши со нешто што е за своја душа, песната која, како што самиот ја најави, има нешто посебно во себе… Култната „Бистра вода“… За бистри мисли на од убавина опиената публика на полноќ, како катарза на една незаборавна вечер, за ново прочистување на душата на оние кои беа сведоци на фантастичната ноќ во „Интермецо мјузик бар“ во која Влатко Стефановски и неговиот бенд му ја вратија душата на Скопје.

 

To top