„Доволно е се’ “ е насловот на композицијата со која Ивана Василева се претстави на годинешниот Макфест 2021, песна која овие денови доби официјален видеозапис и премиерно беше прикажан на официјалниот YouTube канал на младата пејачка.
Ивана се претстави на првата, дебитантска фестивалска вечер со оваа композиција, која е комплетно авторско дело (музика, текст, аранжман) на композиторот и продуцент Илија Ќосевски со кој ја оствари првата нејзина соработка.
Зад видеозаписот повторно стои Столе Ангелов кој беше одговорен и за видеото на нејзината дуетска композиција со Јовче Пандев, одличното рок дело „Медот отровен”.
Макфестовската „Доволно е с’ ”е втор нејзин сингл за оваа година откако во јули ја промовираше “Already decided” и прв пат се потпиша како автор на текст на истата.
Инаку, струмичанката Ивана Василева е главен вокал на кавер бендот DISMISSED кој оваа година прослави 10 години постоење и кој инаку е дел од секое издание на познатиот Strumica Open Festival промовирајќи квалитетна музика од повеќе жанрови.
Ивана има завршено основно музичко училиште и свири клавир, а во моментов студира на медицинскиот факултет во Скопје. Продолжува да работи на нов материјал и се надева дека до крајот на оваа година ќе успее на публиката да и понуди да слушне уште една нејзина песна
Во меѓувреме, уживајте во новата песна и видеото за неа.