Фолк пејачот Васил Атанасов по тешко боледување починал во Германија, каде што живееше околу две децении. Струмичанецот кој остана запаметен во јавноста по своите фестивалски настапи во 90-ите, веќе подолг период имал здравствени проблеми и последните месеци од животот за жал, ги поминал неподвижен во количка.
Здравствените проблеми на Васил наводно започнале заради стрес, предизвикан од семејни недоразбирања со синот. Тој лани се оперирал бидејќи имал проблеми со рамнотежата, и по операцијата останал неподвижен. Потоа започнале и проблемите со бубрезите, за да последните три недели ги помине во тешка состојба во болница.
Пред да се пресели во Германија работел како наставник по музичко воспитување во основно училиште во Вељуса. Атансов додека се занимаваше со фолк музика често имаше настапи низ локалите во Македонија, а учестваше и на речиси сите фолк фестивали во Македонија. По преселувањето во Германија продолжил да се занимава со музика и гостувал на семејни забави на наши иселеници.
Остана запаметен по неговата песна „Проклет да е кој не раздели“. која со генерации се пее и е една од најубавите тажни љубовни наши песни.
Васил Атансов ќе биде погребан во Германија.