Радио Милева „естрадна пепелашка“...

Прва „го скрши мразот“ уште во 2005-та година во „Идол“: Ноне Неделковска им го трасираше патот до успехот на македонските пејачи за учеството во едно регионално музичко талент шоу (ВИДЕО)

Прва „го скрши мразот“ уште во 2005-та година во „Идол“: Ноне Неделковска им го трасираше патот до успехот на македонските пејачи за учеството во едно регионално музичко талент шоу (ВИДЕО)

Во Македонија со децении важи едно непишано правило: „Можат се’ да простат, освен твојот успех“. Особено ако е естраден. А истиот никогаш нема да ти го признаат ако е постигнат дома. Но, штом направиш некаков успех надвор, некаков резултат, освоиш победа, награда, признание… Е, тогаш веќе е нешто друго! Тогаш си веќе некој и нешто, истиот ти кој до вчера те гледале со презир и потсмев, со неверување и понижување. Наеднаш стануваш „естрадна пепелашка“ како во приказните и се претвораш во принцеза на сцената, во идол кој сите го сакаат.

Така било со многумина… Од  Зоран Георгиев и Нина Спирова, потоа Маја Оџаклиевска и Љупка Димитровска, преку „Леб и сол“ и „Мизар“, Калиопи и Тоше, до Ноне Неделковска… И овие денешниве, најнови македонски музички имиња што полека прераснуваат во ѕвезди.

Отсекогаш ни требале некакви награди и признанија надвор како своевремено онаа од типот „7 секретари на СКОЈ“, победи на фестивали како „Опатија“, „Сплитски фестивал“ или „Белградска пролет“, други да ни издаваат албуми како на „Леб и сол“ или „Мизар“, „Калиопи“…, да ги собере сите награди по сите фестивали и да полни неколку пати еден белградски „Сава центар“ само со песни на македонски како Тоше, да биде финалист на едно од првите регионални музички натпреварувања за млади таленти како Ноне Неделковска на регионалниот „Идол“…

По неа Бојан Стојков и Александар Тарабунов во бугарскиот „Идол“, па  Александар Белов во „Операција триумф“ и Даниел Кајмакоски во „Х – фактор“…

…Па се’ до денешниве деца, како Огнен Здравковски, Ален Хасеновиќ, Филип Божиновски, Ристе Ристески, Мите Стоилков, Филип Пецовски, Мартија Станојковиќ, Антониа Гиговска, Мими Јовановска… во регионалните талент шоуа како „Пинковите ѕвездички“, „Ѕвездите на Пинк“, „Ѕведите на Гранд“…!

Откако регионалните музички талент шоуа станаа „поле за музички натпревар“ кој подоцна гарантира каков-таков успех, некому кариера од соништата, некому само поголема локална слава, „новите деца“ од бившите ЈУ простори навалија како во „слаткарница“ да се покажат, докажат и прослават ако може. Во недостаток на слух за вакви програми на домашните продукции, телевизии, па и државата која „баш ја боли уво“  за многу поконкретни нешта, а камо ли за  „фабрикување естрадни ѕвезди“, македонските таленти тргнаа во соседството да си го најдат својот „патот до успехот“ сами.

Но, прва која  „го скрши мразот“ уште во 2005-та година во тогаш регионалнот „Идол“ како музичко натпреварување на таленти од Србија, Црна Гора и Македонија беше велешанката  Нона Неделковска.

Ноне беше таа која себе си, но и на сите останати им го „трасираше патот“, им ги „отвори вратите“ на македонските пејачи за учеството во едно регионално музичко талент шоу, во еден натпревар во кој и не мора да победиш, а можеш да станеш вистинска ѕвезда. Регионална или барем домашна!

Слатката мала Македонка тогаш дотурка до самото финале во кое останаа само таа и Црногорката – Мина Лаличиќ, која и покрај победата во таа втора и последна сезона на регионалниот „Идол“ ништо потоа не направи. Ноне го освои вицешампионското место, но и сите симпатии и на стручното жири и на публиката, особено онаа помладата во Македонија, која подоцна ќе и возврати на најубав начин, од неа правејќи сопствен музички идол!

Од „Лесно ко 2 и 2“ до „Зошто баш ти“, Ноне со години редеше хитови. Предводена од  „Премиер продукција“ сними три албуми, 15-ина спотови, неколку дуети, учествуваше на сите можни домашни и регионални фестивали (Макфест, Скопскиот…, а надвор од  Будва, преку Нови Пазар,  до Зеница… на кои освои и награди, имаше безброј настапи во и надвор од Македонија, два пати беше на турнеја по Австралија… Се’ додека не се случи „крахот на домашната естрада“, а и публиката помалку не се засити од едни исти ликови, кои за излез надвор од Македонија немаа сили и финансиски можности…

Македонската „џепна венера“ како што тогаш ја нарекуваа денес „најшетаната велешанка“, ја остави музика за повеќе професионално со неа да не се занимава, но некои од нејзинте настапи и песни ќе останат засекогаш запаметени.

Еден од тие моменти е и настапот кога Ноне  ја отпеа песната „Доволно луд“ на Лидија Кочовска и предизвика бура од позитивни реакции на тогашниот регионален „Идол“, од кој со неа почна сето она што денес новите деца го практикуваат како трасиран „пат до успехот“.

 

To top