„Калдрма“ е насловот на новото музичко парче на Боби Павловски, кое веднаш по пуштањето во етерот не само што ниже прегледи, туку и позитивни коментари. Станува збор за емотивна балада со моќен текст кој е преточен во одлична видеоприказна за која кадрите се снимени во Белград.
Зад песната која е продолжение на серијалот, инаку најава за албумот што е следната музичка цел на Павловски, како автор на музиката и текстот стои Љубинко Танасиќ. Аранжманот и овој пат е дело на Милан Раѓен, а нов соработник му е Ивана Селаков, која јавноста ја памети по бројните хитови и особено фантастичниот дует со Аца Лукас. Видеото и овој пат е работено со одличната екипа на Tropical Lifeisfun и режисерот Љуба Радојевиќ.
„Горд сум на целиот овој проект што го работам веќе некое време и навистина едвај чекам да го заокружам и на јавноста да ѝ го претставам целиот албум. Пред тој да го здогледа светлото на денот во план ми е да пуштам уште три нумери, од кои едната ќе биде дует. Инаку, морам да признаам дека оваа песна во мене разбуди посебна емоција уште кога ми беше понудена и не ми е срам јавно да кажам дека додека ја снимав сцената како свирам на клавир – плачев“, вели Боби, кому баладите му се омилени затоа што, вели, будат посебна емоција не само кај него, туку и кај публиката.
Уживајте во „Калдрма“ и не заборавајте таа памети се, чува спомени…
И сакајте безусловно и чувајте ги оние кои ги сакате затоа што никогаш не знаеме што е богатство додека не го загубиме.