Радио Милева

Ако треба и со трета доза ќе се вакцинираме, ама на Цеца ќе одиме!

Ако треба и со трета доза ќе се вакцинираме, ама на Цеца ќе одиме!

Новите одлуки на Владата, со цел заштита на населението од ширење на Ковид-19, според кои од 16-ти август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација при влез во сите објекти на отворено каде има повеќе од 30 присутни лица, ги вознемири љубителите на концертите и кафеанскиот и клубски живот кои не сакаат да се вакцинираат, но од друга страна пак, на некој начин ги поттикна оние кои не можат да се откажат од забави и излегување, што побргу да се имунизираат.

За тоа, дека интересот за вакцинирање против корона вирус е зголемен, зборуваат и податоците од Министерство за здравство, според кои вчера се вакцинирале 14.928 лица, а пак завчера дури 17.679 лица. Поради тоа, министерот Венко Филипче најави отворање на четири дополнителни пунктови за вакцинација.

Концертите на регионалните музички ѕвезди на кои во тек на летниот период Македонија им стана редовна дестинација, за многу од помладите генерации се причина плус да се вакцинираат.

-Ако треба и трета доза на вакцина ќе примиме, ама на концертот на Цеца ќе одиме – е само еден од многубројните коментари на социјалните мрежи кој ја отсликува реалноста кај нас, кога е имунизацијата во прашање.

За да не им се ремети забавниот и социјален живот, се повеќе лица се решаваат да се вакцинираат, иако пред најавата за новите рестрикции воопшто не планирале да ги посетат вакциналните пунктови.

Најавениот концерт на балканската музичка ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, како и концерти на многу други познати музички имиња, според сегашниот тек на настаните, сепак ќе се одржат и по стапувањето на сила на новите мерки од 16-ти август.

За големиот спектакл со Ражнатовиќ, кој треба да се случи во Аква паркот во Пробиштип на 21-ви август, билетите се продаваат непречено, и интересот воопшто не бил намален и покрај тоа што ќе можат да присуствуваат само вакцинираните граѓани.

На телефонскиот број на организаторот, на кој можат да се добијат сите информации за концертот, операторот со кој разговаравме ни потврди дека картите се продаваат и немаат сомнеж дека ќе имаат настан за памтење, и покрај рестрикциите.

-Да, според новите одлуки само вакцинирани ќе можат да присуствуваат, но билетите се продаваат нормално, нема никаков застој. Цената им е 600 денари, има и пакети од околу 4.000 до 9.000 денари, со вклучен пијалок и четири влезници. Просторот на кој ќе се одржи концертот е огромен, телефоните постојано ѕвонат, се прават резервации- велат од таму.

Колку вкупно луѓе ќе можат да присуствуваат на овој настан, односно дали Цеца ќе пее пред најмногу 1.000 лица, не ни кажаа. Но, според објавената одлука на Владата, до 15-ти август, за ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи.

Од 16-ти пак, се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).

To top