Промотер

Дарио понесен од старата изрека која важи довека, ја „скоцка“ – „Кој чека ќе дочека“ (ВИДЕО)

Дарио понесен од старата изрека која важи довека, ја „скоцка“ – „Кој чека ќе дочека“ (ВИДЕО)

По пауза од повеќе од една година, стариот мајстор, еден од ветераните на македонската поп сцена Дарио Панковски се враќа со нова песна.  По ланската „пена за навека“, „Еј животе“,  баладата со типично балканска душа во себе, тамбурашка поп песна која со грст емоции од срце се пее подеднакво гласно и на концерт и во кафеана, еве го стариот музички лисец одново со песна за животот.

Само овој пат оној другиот, ергенскиот, во долга врска пред женидба, која никако да дојде.  Малку поинаква песна и музички и стиховно, насловена „Кој чека ќе дочека“… Кој еднаш и за навека, кој повеќе пати, некои и никогаш, но чинот на свршувачката е секако еден од оние „најзначајни денови“ за повеќето од нас! Денот што се чека цел живот, па потоа кому како му паднало, кому како му е судено или пишано, сеедно… „Руски рулет“ со семејната среќа, во кој некои „сркаат од медот“ довека, а некои бргу тонат во „надојдената река“ на новиот живот!

Како и да е Дарио се потрудил да направи убава „свадбарска песна“ во забавен, поп манир, со суптилни фолк примеси, во весел ска ритам со носечки звук на труби во позадина и текст што што гласно ќе се пее во свадбена еуфорија, а можеби и потоа… На некој јубилеј од годишнината, па и зошто да не и на некоја „златна свадба“!?

 

„Е па драги луѓе, ви ја претставувам мојата нова песна #КојЧекаЌеДочека“. Песна за нови почетоци, песна за поубава иднина, песна за сите нас, весела, среќна, опуштена и по малку хумористична.
Искрено се надевам дека наскоро сите заедно ќе дочекаме пак да се радуваме на свадби, родендени, забави и концерти, на сите убави моменти во животот.  На здравје!“ – ќе рече самиот автор и изведувач!

Се’ на се’, убаво и весело музичко освежување во ова, се’ уште не така среќно опкружување и секојдневие и заради коронапандемијата и заради потопот на економијата… Но, како што во секоја темнина има понекоја светла точка, така и новата песна на Дарио е едно од оние позитиви на денот, неделата, месецот, а можеби и годината, која ќе ве води на патот кон светлината, кој толку долго го чекаме, посакуваме и патиме, за на „старото нормално“ да му се вратиме. Впрочем… „Кој чека ќе дочека“, нели?

Песната покрај тоа е визуелно надополнета со повеќе од симпатично, анимирано, лирик видео, кое само ја збогатува нејзината вредност. Автор на музиката и стиховите е самиот Дарио Панковски, аранжманот е на Кристијан Габроски, а за видеоанимацијата се погрижил Ристе Шкортов.

Слушнете, погледнете и уживајте… барем за миг, и ако сте еден или една од оние на кои им е време, а се’ уште не им паднало на ум или не им текнува, можеби после ова ќе Ви текне… Дека е време. Подобро сега, отколку никогаш. Впрочем, „Кој чека, ќе дочека“!

 

To top