Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите. Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.
Задушница е секогаш в сабота, ден што црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.
Ако ги заборавиме нив, се забораваме и себе си, а заборавот е темнина, а молитвата е светлина.
На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Ова е трета по ред Задушница за помен на починатите која се одржува во време на пандемија, каде што одењето и собирањето не се претпорачуваат. Со носење заштитна маска, дистанца од најмалку 2 метри, и без масовност на граѓаните е апелот на свештениците.
Свештениците исто така апелираат и да не се раздава храна, туку да се спроведе само молитвениот чин, со пченица, вино и леб. Оние кои нема да можат да одат на гробовите на починатите, можат да се помолат во соборните храмови.
Вечен нека им е споменот на сите што се упокоиле со надеж за воскресение и живот вечен и Бог да ги упокои каде што сјае Неговата светлина.