Мегафон

„Мањифико“ на 13 април во „Станица 26“

„Мањифико“ на 13 април во „Станица 26“

Едно од најинтригантните имиња на музичката сцена во регионов, словенечкиот музичар Роберт Пешут Мањифико доаѓа во Скопје подготвен да приреди незаборавно концертно доживување за македонската публика.

Со својата еклектична музика надополнета со препознатливиот хумор и иронија, Мањифико важи за една од најистакнатите музички фигури на просторот на поранешна Југославија. Својата музика тој ја опишува како ретро шик, со комбинација на балкан-диско шлагери и џез. Неговата музичка кариера која се протега низ повеќе од три децении, ја одбележуваат бројни огромни хитови кои го освоија целиот Балкан, а со 11-те објавени албуми и повеќе од 1.000 концерти одржани досега, тој изгради и успешна меѓународна кариера.

Тој воедно ја компонираше музиката за некои од најуспешните филмови во регионов, а негова најпозната соработка на ова поле е со српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ. Автор е на музиката за филмовите „Монтевидео, Бог те видео!“ и „Монтевидео, видимо се!“, а за време на овие проекти Мањифико соработуваше и со шпанската дива Луз Касал. Исто така, автор е и на музиката за популарната серија „Сенки над Балканот“, во моментов актуелна и кај нас.

Покрај забавниот карактер, неговата музика е критички настроена кон различни општествени проблеми – стереотипи, предрасуди, ксенофобија и хомофобија се често теми во неговите стихови, кои во минатото предизвикаа и големи контроверзии. Во 2016 година, Мањифико го објави албумот насловен „Charlatan de Balkan“, а ова остварување тој го претставува на актуелната регионална турнеја во чии рамки гостува и во Скопје.

To top