Познатиот македонски филмски режисер Милчо Манчевски, подготви изложба на фотографии насловена „Таму“. Изложбата ќе биде отворена вечер, 1 ноември 2020 г. во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје. На истиот настан притоа ќе биде промовирана и книга фотографии под ист наслов, на издавачката куќа „Антолог“. Во книгата и изложбата се избрани 88 колор фотографии, создавани во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас итн.
„Ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга, и да ги артикулирам визуелно. Мигот станува вечност поради уметничката обработка – композицијата, боите, тактилноста… Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш“, вели Манчевски.
Изложбата „Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“ кои исто така беа изложени во МСУ, а потоа патуваа во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија, Италија, Франција, Доминиканската Република, Србија, Грција, Хрватска итн.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија како дел од Годишната програма за 2020 година на музејот, а отворањето на изложбата ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.