Ништо лично „распашана команда“

Народот и сам по улица ќе шета со маска на лицето, а кај поединци, „журката гази најјако“: Знаете ли каде терате? (ФОТО)

Народот и сам по улица ќе шета со маска на лицето, а кај поединци, „журката гази најјако“: Знаете ли каде терате? (ФОТО)

Состојбата со Ковид-19 станува се полоша. На дневно ниво се зголемува бројот на заболени,  стануваме рекордери во регионот, а и на ТОП 10 во Европа фигурираме според бројот на починати  на еден милион жители, а власта очигледно не знае каде тера?! Ниту има јасна стратегија како да се справи со заразата, а и онаа што ја има катаден ја менува по принципот, топло-ладно.

Во тој трагичен „дневнополитички театар на апсурдот“, од една страна министерот за здравство Венко Филипче одново најавува драстични мерки и рестрикции, а од друга страна на терен „државата дреме“. Новите првачиња и воопшто дечињата-ученици од прво до трето одделени задолжително ќе мораат да следат настава со физичко присуство и маски на лицето, а  кафулињата, кафеаните, клубовите и дискотеките полни како кошница, ни маски, ни дистанца ни бутур.

Филипче најави дури и задолжително носење маска за секој поединец што сам ќе шета по улица, ама маска за секоја селска убавица што решила да си ги напумпа  усните со ботокс и зацрвени со кармин додека се журка во дискотека – нема, зашто инаку како ќе и го видат „уметничкото дело“ на пластичната хирургија на нејзиниот новокомпониран непродуховен сурат? Кај мажите е исто и бетер и без ботокс! Башка, со маска на лице, тешко се муабети, уште потешко се пее, а никако не се пие!

В ред, не дека угостителските локали не треба да работат, а  естрадата да престане да живее, ама дали заради менталитетот и менталниот склоп, дали заради растурениот систем на вредности и почит на се живо, па и на односот кон сопствениот, ама и туѓите животи, или заради немањето практична реализација и ефикасност во инспекциските контроли и казни, токму угостителските локали стануваат осило. Извор на ширење на заразата, зашто тешко дека некој ќе може да објасни оти се почитуваат здравствени протоколи откако ќе фрлиш една-две, а најчесто и многу повеќе чашки алкохол, а пејачката или бендот ќе ти ја погоди омилената песна.  Прегратки, гушкања, бакнежи и останатата размена на нежности и флуиди следуваат како логично продолжение на создадената атмосфера, во која „невидливиот непријател“ едвај чека да  се вгнезди меѓу тебе и твојата пријателка или пријател, таа вечер, сеедно.

Арно ама не е сеедно, зашто последиците подоцна можат да бидат катастрофални, а за тоа зборуваат бројките на новозаразени и починати лица кои секојдневно се алармантни… И според висината на бројката и според се’ помалата возраст на заразените и починатите од „новата чума на 21-от век“, Ковид 19, од која за жал, почнаа да ни  умираат од родилки и бебиња, до тинејџери!

И додека власта прво бркаше избори, па одмараша од избори, па бркаше коалиции за парламентарно мнозинство и речиси три месеци чекаше да почне Собранието со работа, во меѓувреме наметнувајќи, па олабавувајќи некакви  тобожни заштитни мерки и протоколи, излезе дека всушност „бркаат вештерки во магла“ и дефинитивно не знаат каде тераат! А како тргнале, ќе не отераат во катастрофа од невидени размери!

Мајките родилки ги вратија од породилно на работа, хронично болните – исто така, како и родителите на децата до 6 години кои нема кој да ги чува,  дечињата од прво до трето ќе одат на училиште и ќе седат на часови со маски на лицето, спортот и спортските натпревари ги држат „под мраз“ со празни трибини во спортските сали и стадиони, свадби и семејни веселби се забранети, ама затоа од друга страна забавата пуштена на максимум и тоа не било каде… Кај поединци – „распашана команда“, па кај нив „журката гази најјако“!

Особено симптоматично е онаму, каде што власта има удел или добри роднински, политички или бизнис релации со газдите на локалите. Е таму, журката „гази на најјако“…

Од Карлеуша во Охрид пред некоја седмица, преку „Амадеус бенд“ во веќе „на сите добро познатиот (кој е, каде е и чиј е) струмички клуб „Аватар“, до Куку леле во Скопје, престојниов викенд.

Ако, терајте си… Само да не биде после „куку леле, што напраивме?“ А ќе биде… Резервации? И за на инфективна ќе се бараат, ама ќе нема… Зашто капацитетот ќе биде пополнет!

И потоа Цацко ќе ни биде крив… Колку и Цаца!!!

 

To top