По пауза од точно пет месеци Александар Тарабунов – Тара има нова песна. Откако кон карјот на јануари годинава се појави со својата „Сењорита“, македонскиот пејач ниту корона епидемијата не го спречи да го освежи својот репертоар, но и домашната музичка сцена со своето најново музичко парче насловено „Нема крај“.
Тара како да насети дека ова лудило нема крај, дека уште долго ќе трае, па реши да неговата музичка кариера да не биде во „лер“ на неопределено време, туку она што како музичка инспирација го носи во себе го вдахна во новата песна во студиото на неговиот колега, пријател и стар соработник, музичкиот продуцент и композитор Роберт Билбилов.
Самиот Тара е автор на музиката, а Билбилов вообичаено се погрижил темата „Нема крај“ да ја украси, испегла, дотера и вообличи онака како што најдобро умее – по теркот на светските модерни музички слики. Аранжмаманот заедно го стокмиле со Тара, додека за текстот овој пат се погрижил Зоран Стојановски-Зонде, многу попознат како уметнички фотограф и режисер на модни едиторијали и музички спотови, кому Тара исто така „му асистирал“ во пишувањето на стиховите.
За разлика од неколкуте претходни песни, овој пат тара избегал од латино прегратките, па стилски повторно му се вратил на модерниот поп звук, се разбира во кој одлично се вклопила мелодиската линија и неговиот препознатлив „песоклив“ вокал, кој заедно со целата продукциско-звучна слика и дава посебен шарм и шмек на песната која уште на прво слушање, во старт има хитовски предиспозиции.
Видеото е посебна, романтична љубовна приказна со слатка доза на патина, спакувана онака како што Зонде умее тоа да го направи, визуелизирајќи ја приказната во спој на емоции и прекрасни пејсажи, чија режија умешно ја води. Секако, потпомогнат со одличните видеокадри на камерата зад која стои и самиот заедно со Александар Мижимаков – Мижи и дрон камерата на Дарко Данилов.
Главен протагонист во видеото покрај самиот Тара е и младиот модел, убавата Сара Дојчиноска, кои вешто го водат дејствието на нивната „лав стори“ на патот кој… „Нема крај“.