Концертот на Филхармонијата што ќе се одржи в четврток е насловен „Женски приказни“ и ќе настапат две дами – солист ќе биде руската пијанистка Олга Шепс, а оркестарот ќе го води младата диригентка Елена Митревска. Во Скопје таа ќе дојде од Овиедо, каде што од 2016 е ангажирана како хор-мајстор во операта во тој шпански град.
Митревска дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 и продолжила во Виена на Универзитетот за музика и изведувачки уметности каде дипломирала – најпрвин хорско диригирање, а потоа и оркестарско диригирање заедно со престижниот Виенски камерен оркестар. За време на студиите активно работела како диригент на неколку хорови во Виена и го основала ансамблот „Глезум“ со кој во 2013 ги изведува Чичестер псалмите од Леонард Бернштајн.
Уште од почетокот на студиите е редовен член на хорот „Арнолд Шенберг“ каде од 2012 година работи и како асистент на концертните, но и на оперските проекти во виенскиот театар (Theater an der Wien). Има настапувано во престижни сали, како „Музиквереин“ (Musikverein), „Винер концертхаус“ (Wiener Konzerthaus), „Сантори хол“ (Suntory Hall), и соработка со диригенти како Николаус Харнонкур, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ратл, Рене Јакобс… Во 2014 ја добила наградата „Ервин Ортнер“ за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија, а во 2015 го презела уметничкото раководство на хорската и оркестарска музичка работилница во Хинтершмидинг, Германија.
Македонското деби како диригент Елена Митревска го имаше во 2015 година со Камерниот оркестар на Музичка младина на „Охридско лето“ и на „Скопско лето“. В четврток таа ќе раководи со концертот на кој оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе две дела од Бетовен – Концерт за пијано и оркестар бр. 3 и Увертирата „Леонора“ бр. 3, како и „Арлезијанка“ – свити 1 и 2 од Жорж Бизе.
Извор: Нова Македонија