Таткото на Влатко, Драган Илиевски во интервју за Нова Македонија“ најави дека во подготовка се две цедиња со песни што ги отпеал Влатко, како и монографија за неговиот професионален и приватен живот. Монографијата ја подготува музичкиот новинар Иван Беќковиќ. Во книгата ќе се користат и огромен број на исечоци од медиумски натписи за Влатко кој неговиот татко со години ги архивирал.
„Подолго време со колегите на Влатко се договаравме да направиме нешто за да го зачуваме од заборавот она што тој го испеа. Во најскоро време ќе се издаде цеде „Најдобро од Влатко“, а потоа се подготвува уште еден носач на звук со необјавени песни. Има снимки со композиции на Кристијан Габровски, Владимир Дојчиновски, Дарко Тасев и Весна Малинова, кои требаше Влатко да ги објави на новиот албум, кој, за жал, не ја здогледа светлината на денот. На албумот ќе има бонус, „Не желиш крај“ од „Дивље јагоде“ и песна што ја сними со „Генерација 5“ – „Најјачи“ – изјави Драган Илиевски.
Покрај книгата и носачите на звук се планира и настан насловен „Пријателите за Влатко“ со намера овој настан да прерасне во традиција.
Извор: Нова Македонија