Во Македонскиот народен театар се подготвува претставата „Без галама“ според текстот на Мајкл Фрејн, во колективна адаптација, а во режија на Тони Михајловски. „Без галама“ е претстава во претстава, и зборува за тоа што се случува на сцената – она што публиката може да го види, но благодарејќи на ротирачката сценографија, дејствието на претставата се случува и зад сцената. – Публиката ќе има можност да учествува во секој сегмент во создавањето на претставата, ќе ги види заткулисните пикантерии и „хаосот“ кој се случува зад сцената, што прават актерите кога не ги играат своите улоги и ќе ги открие сите тајни на една театарска магија. По големите успеси на претставата „Брачна игра“, за Михајловски ова е второ режисерско остварување во матичната куќа. Овојпат го одбира комичниот текст на Фрејн кој е еден од најдобрите и најиграните текстови во светската драматургија, а кој првпат се поставува во МНТ, соопшти Македонскиот народен театар.
Премиерната изведба е најавена за 31 март во 20 часот на големата сцена на МНТ. Во претставата играат: Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Јасмина Поповска, Камка Тоциновски, Нино Леви, Александар Михајловски, Александар Ѓорѓиески, Емилија Мицевска и Стефан Спасов.
Сценограф е Татјана Христоска, костимографијата е на Ивана Кнез и Сињори, изборот на музиката е на Тони Михајловски.
Извор: МИА