Таа е со години во јавниот живот во Македонија. Академски музичар, кариерата ја започна како пејачка, за потоа да продолжи во водителските води и ТВ водителството да и стане втора професија, но не и последна. Пред неколку години ја напиша својата прва книга и оттогаш редовно објавува секоја година по една, без оглед дали писталскиот занает некои го сфаќаат како нејзина професија или само како хоби.
Случајно или намерно, денешниот ден вторник, 27 февруари 2018 го започна со песна. И тоа не било која и било каква, туку македонска, патриотска.
Облечена во тесна, припиена маичка на која по целата површина е аплицирано актуелното македонско знаме, седната крај пијаното таа ја отсвире и испеа една од најубавите македонски забавни песни со патриотска содржина – „Земјо мила“ на кумановецот Никола Давидовски со која настапил на „Скопскиот фестивал“ во далечната 1977 година. Така спакуваното видео таа го постирала на својот фејбук профил, покрај него напишаниот пост:
„…Ех мори Македонијо мајче мила, што сѐ си морала да искрепиш, навистина си била богата, голема и благословена.. колку ајвани, „патриоти“,кодоши, штетници и џаболебари краделе од тебе, те пустошеле, те делеле и парчеле, те ништеле и брукале,а ти си ги трпела… Љ.И. – желбата ти е исполнета“! – напишала Сузана Турунџиева, која и самата потекнува од патриотско семејство, зашто легендарниот македонски војвода Александар Турунџиев е еден од нејзините предци, а таа негов директен потомок.
Прашање е само зошто токму денес со ваква објава на социјалните мрежи се појави Турунџиева? Дали во знак на солидарност со најавениот протест на Македонските заедници во светот по повод годишнината од движењето „За заедничка Македонија“, кои денес, 27 февруари 2018 година го организираат Семакедонскиот протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата или чисто само за да му ја исполни желбата на лицето кому му се обраќа во постот? Или можеби едното и се поклопило со другото!?
Како и да е, Сузана Турунџиева уште еднаш покажа дека татковината може да се сака и брани и со песна, но и докажа дека е горда Македонка и голем македонски патриот!