Официјалната промоција на евровизиската песна „YOU“, со којашто Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на 65-тото издание на Евровизија во Ротердам, за македонската јавност се случи вчеравечер, на празникот 8-ми март во Дневникот 2 на МТВ точно во 20:00 часот, по што песната со видеоспот се објавена и на официјалниот евровизиски Јутуб канал( https://www.youtube.com/user/eurovision ) .
Македонскиот евровизиски тим истиот ден, претходно имаше средба со музичките новинари во 14:оо часот, во кафе барот Churchill, локацијата каде што се снимаше и видеозаписот за песната. На оваа затворена промоција беше преслушана евровизиската песна, а Васил одговараше на прашањата на претставниците на медиумите.
Како што е веќе познато, автор на музиката на песната е Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Невена е автор и на текстот на песната, којшто го создаде заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и колешката од Беркли Алис Шредер. За продукцијата и аранжманот на песната освен Невена Нешкоска се погрижија и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.
Песната е со модерен ритам и призвук во кој се измешани македонскиот со латиноамериканскиот фолклор. Поточно на моменти вешто се испреплетуваат призвукот на аргентинското танго и семплот од нашата тардиционална изворна песна „Три невесте тикве брале“, што на песната не само што и дава етно-ворлд призвук, туку и латентно, но доволно убедливо асоцира на земјата од каде што доаѓа пејачот и песната, односно земјата која тој ја претставува.
Видеото за „Yоu“ го режираше Милена Витман, а за фотографијата и за монтажата се погрижи Ѓорѓи Вацев. Продуцент на спотот е Јелмаз Дервиши.
Вака звучи изгледа видеото за „You“: